Огорчениот Сари распали по ФИФА и УЕФА, но го „поздрави“ и газдата на Лацио

Дерби

01/10/2023

12:02

2.702

Големина на фонт

а а а

Лацио едноставно нема ширина во тимот за да се бори на повеќе фронта, па оттаму не ни чуди лошиот старт на сезоната кој го има составот од Рим на стартот на сезоната во Серија А.

Во вчерашното дерби кое се одигра на „Сан Сиро“, Лацио беше во подредена улога и загуби со 2:0, а по мечот, искусниот Маурицио Сари одново се јави со рафал од забелешки кон водечките луѓе кои го режираат фудбалскиот циркус во Европа.

Сари не може да се помири со пеколниот распоред кој го имаат екипите во оваа почетна фаза од сезоната, но гледајќи исклучиво на својот тим и тоа што го доби изминатово лето, Маурицио не пропушти шанса да го „пецне“ и газдата на клубот, Клаудио Лотито.

– Мораме да правиме многу промени на секој меч, бидејќи календарот кој ни го нудат е нездрав. Апсолутно сум бесен на УЕФА, ФИФА и Серија А, како и на сите оние кои го креираат овој распоред. За жал, фудбалот се претвори во игра во која ги добивате парите и после само трчате на теренот, – изјави Сари.

– Тешко е да се одговори на прашањето дали сум задоволен од нашата трансфер стратегија. Го започнав преодниот рок со други имиња на моите листа, а завршив со други играчи. Сите знаат дека не дојдоа играчите кои јас ги побарав на стартот, па затоа сега мора да се справам со тоа што го имам на располагање. Кога го велам ова, свесен сум дека со истата ситуација се соочуваат 95 проценти од тренерите во другите клубови, – додаде Сари.