Патрушев: САД сакаат да ја ослабат Русија, но крајна цел им е Кина

Макфакс

08/06/2023

15:47

1.473

Големина на фонт

а а а

Украинското раководство беше подготвено да го разреши конфликтот со Русија, но се откажа под притисокот на САД, изјави денеска секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев, пренесува ТАСС.

„Да не беше притисокот на САД врз оние што ги поставија на чело на Украина, оваа ситуација немаше да се случи. Дури и самите украински лидери беа подготвени за потпишување мировен договор и ѝ дадоа на Русија писмени предлози, што ние, во принцип, ги одобривме“, рече Патрушев алудирајќи на преговорите меѓу руската и украинската делегација во Турција во март минатата година.

„Утрото ни дадоа писмени предлози (за решение на кризата) за вечерта да ни кажат: не, ги отфрламе. А тоа беше само затоа што САД ги притиснаа и им рекоа да не водат никакви преговори со нас“, додава тој.

Како што истакна Патрушев, „во овој конфликт има заинтересирани страни“, пред сè, САД и Велика Британија.

„Украинскиот народ не е заинтересиран за продолжување на конфликтот. Ни рускиот народ не е заинтересиран за тоа. Но, поради некоја причина конфликтот почна и поради некоја причина сè уште трае. Јас ќе ви кажам која земја е првенствено заинтересирана за тоа – САД, а и Англија“, заклучи Патрушев истакнувајќи дека овие земји не ги жалат луѓето што гинат во Украина.

Патрушев исто така предупреди дека иако САД сакаат да ја ослабат Русија, нивната крајна цел е Кина.

„Се разбира, САД се заинтересирани светот да не стане мултиполарен. Многу сериозен фактор во мултиполарниот свет е Кина и затоа крајната цел не е Русија. Тие сакаат да ја уништат или да ја ослабат Русија, но нивната крајна цел е, всушност, Кина. САД мислат дека ќе успеат да доминираат во светот, но таа можност не постои. Нема да успеат во тоа“, истакна Патрушев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг