Прогласена кризна состојба: Полиција и војска ќе ги чува затворениците во „Идризово“ поради недостатокот на чувари

Макфакс

08/06/2023

15:02

3.901

Големина на фонт

а а а

Припадници на МВР и Армијата ќе бидат ангажирани како поддршка на Затворската полиција на КПД Идризово.

Одлуката е донесена по состаноците на Групата за процена и Управувачкиот комитет одржани во Центарот за управување со кризи.

Од ЦУК информираа дека еден од главните проблеми со кои се соочува „Идризово“ е недостатокот на кадар во затворот. Велат дека бројот на вработени лица во затворската полиција е недоволен за да ги задоволи секојдневните потреби и активности.

Ќе се бара начин за вработување на нов кадар кој ќе биде одговорен за безбедноста и ресоцијализаицијата на затворениците.


Директорот на „Идрозово“ Зоран Јовановски во интервју за „Макфакс“ пред еден месец кажа дека чуварите зеле низа боледувања и одмори, што се случи во период кога интензивно беа палени автомобили, а дел од нив добивале и закани по живот. Тој тогаш потврди дека околу 15 проценти од затворската полиција има извадено боледување, но рече „штом матичен доктор дал боледување, тогаш се болни“.

Во мај, скандал го стресе затворот кога чувар му помогна на затвореник да избега. Кусо пред тоа беше обелоденето копањето на најголемиот тунел за бегство, од страна на осум затвореници осудени на тешки затворски казни.

Прогласена кризна состојба во затворот „Идризово“

Со одлука на Владата прогласена е кризна состојба во затворот „Идризово“ поради спречување на безбедносни закани.

Ова се случува по информациите во изминатиот период за недостаток на чувари во казнено поправната уставнова.

Одлука е донесена на владината седница одржана во вторникот и веќе е во сила по нејзиното објавување во Службениот весник.

„Со оваа одлука се утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, и тоа на подрачјето на Општината Гази Баба на кое Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом Идризово ја врши својата надлежност, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата“, гласи текстот на одлуката.


Од органите на државната управа се бара да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи, а од главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, да ги следи состојбите, да координира со активностите и редовно да ја информира Владата.

Кризната состојба ќе трае во следните 30 дена.



Спонзорирани линкови

Маркетинг