(Фото/Видео) Речиси половина милион прегледи за новиот омилен ладен пијалок: Македонците „полудеа“ по овој рецепт

Точка

12/07/2022

12:40

32.608

Големина на фонт

а а а

Во летниот период ништо не е подобредојдено од вкусен, свеж и лесен напиток кој ќе нè телепортира на некоја егзотична плажа, барем за момент.

Автор: Цеце Николова

Неодамна на Инстаграм се појави интересен профил на кој се споделуваат многу рецепти, од чорби, преку пијалоци, до слатки, а истовремено се многу лесни за подготовка.

Имено, Мартина Трајаноска, 21-годишна студентка од Гевгелија, се крие зад профилот „Martina’s Cooking“.

Пред неполн месец на овој Инстаграм профил, кој брои повеќе од 56.000 следбеници, Трајаноска сподели видео-рецепт од „Ладно какао“.

Видеото досега брои речиси половина милион прегледи, а следбениците постојано ја тагнуваат на „Инстаграм-стори“ со „Ладно какао“ – рецепт кој навистина ги освои Македонците.

Мартина Трајаноска за читателите на Точка открива детали за овој рецепт и колку тој ги воодушевува нејзините следбеници кои се од сите краишта на земјава.

„Ладно какао правиме дома веќе неколку години, а рецептот не го објавувам првпат. Го имав споделено и претходната година, но оваа година стана хит“, вели Мартина за Точка и додава дека „за луѓето како неа, кои не се најголеми фанови на кафе, ова е одличен пијалок“.

За коментарите кои секојдневно ги добива за омилениот ладен пијалок ова лето во Македонија, за Точка вели:

„Досега сите коментари се позитивни и многу се радувам. Многу луѓе кои не пијат кафе пишуваат дека се среќни дека конечно имаат летен пијалок. Многу мајки ми пишаа дека нивните дечиња повеќе сакаат ладно какао што е многу подобра варијанта отколку несквик. Многу вработени, колеги го прават колегијално на работа и добив пораки дека во многу кафичи почнале да служат ладно какао како дел од менито“.

Мартина ги праша своите следбеници на Инстаграм како би го опишале „Ладното какао“, за Точка, а ова се дел од нивните одговори:



Инаку, Трајаноска овој профил го отворила пред година и половина и вели дека воопшто не очекувала дека ќе биде толку популарен како што е.

„Го започнав за да си имам место на кое ќе си ги зачувувам рецептите кои ги правам и сликам, а прерасна во една голема заедница. За сите кои мислат дека Инстаграм е лесна работа, воопшто не е. Колку и да изгледа лесно сето тоа сликање и објавување на рецепти, позади тоа има долга и макотрпна работа. Но доколку се работи со многу труд и многу љубов сето тоа целосно те исполнува. Јас сум многу среќна што го работам токму ова и го работам со огромна љубов“, заклучува Мартина Трајаноска за Точка.


Во продолжение погледнете уште рецепти од „Martina’s Cooking“, кои можеби токму денеска би ги пробале, но, не заборавајте при подготовката да си направите и едно „Ладно какао“.