Првиот поглед на фотографиите го тера умот да помисли дека станува збор за нешто создадено со вештачка интелигенција, но тоа е погрешен правец на размислување.
Станува збор за необична инженерска карактеристика на едно од најпознатите вештачки езера во Обединетото Кралство, каде што, кога во езерото се собира премногу вода, се создава фасцинантна глетка во која се чини како водата да исчезнува во бесконечни дупки… Ве водиме на вештачкото езеро Ледибауер.
Длабока долина, опции за изградба на брани...
Вештачкото езеро Ледибауер се наоѓа во долината Апер Дервент, во срцето на Националниот парк Пик Дистрикт, најстариот национален парк во Обединетото Кралство. Изградено е од 1935 до 1943 година, а официјално е отворено на 24 септември 1945 година. Езерото се полнело со вода две години, а свечено го отворил кралот Џорџ VI.

Постојат многу причини зошто токму таму е изградено. Ледибауер било многу атрактивна локација за изградба на вештачко езеро. Станувало збор за длабока долина со тесни микролокации погодни за изградба на брана. Исто така, во таа област паѓаат многу дождови, а не била ниту густо населена. Во околината на паркот се наоѓале и низа индустриски градови кои имале големи потреби од вода.
Потопени две села, едното сè уште излегува на површина
Како што обично се случува кај вештачките езера, иако областа не била позната по голема населеност, нивното создавање сепак подразбирало одредени жртви. Формирањето на езерото значело потопување на две села, Дервент и Ешоптон. Нивните жители биле преселени во блискиот Јоркшир Бриџ.

Секако, за време на големи суши, кога нивото на езерото доволно ќе се спушти, на површина излегуваат „духовите од минатото“. Имено, при изградбата на езерото, пред да започне неговото полнење со вода, селото Ашоптон било целосно срамнето со земја. Но, селото Дервент не било. Напротив, камбанаријата на тамошната црква цело време штрчела над водата сè до 1947 година, кога била контролирано урната. Сепак, остатокот од селото повремено повторно се појавува, како што било случај во 1976, 1995, 2018 и 2022 година.
Необични преливи за вода како атракција
Езерото има форма на буквата „Y“, но тоа не е неговата единствена необичност. Втората е дизајнот на браната. На езерото се изградени два необични преливни отвори. Тие се направени од камен и се кружни по форма. Секој од нив има дијаметар од 24 метри, а длабоки се околу 20 метри. Во случај да има премногу вода во езерото, таа почнува да се прелева во нив и се создава необичен феномен: изгледа како водата да исчезнува во бесконечна дупка…

Не, водата не исчезнува, туку тој вишок преку подземни тунели се одведува до реката Дервент. Токму тие „дупки“ се една од многуте атракции на езерото, а некогаш околу нив биле поставени и пешачки патеки, но со текот на времето биле отстранети. Најдобро време за да се видат овие преливни отвори во акција е во текот на зимата.

Подрачје како создадено за љубителите на пешачењето
Вештачкото езеро Ледибауер е популарна дестинација меѓу љубителите на природата. Езерото е опкружено со прекрасна природа и е испреплетено со бројни патеки кои можат да се поминуваат пеш или со велосипед. Исто така, има и убави видиковци, а еден од најубавите погледи кон езерото се пружа од Бамфорд Еџ.

Во близина на езерото, од неговата источна страна, се наоѓаат „Седумте камења на Хордрон“, камен круг од бронзеното доба. Се верува дека некогаш го сочинувале 26 камени блокови, високи до 95 сантиметри. Самиот круг има дијаметар од 16 метри.
Исто така, во истата област се наоѓа и патеката Монсал, прекрасна пешачка рута што ја следи поранешната железничка пруга и поминува низ низа тунели и вијадукти.












