Роберт Билбилов за Точка: „Сцената е невидена дрога којашто секогаш те тера да ѝ се вратиш“

Точка

21/09/2021

20:35

37.358

Големина на фонт

а а а

Во 2018-та година како изведувач на „Макфест“ се појави со „Чудни места“, песна која стана апсолутен хит, а на овогодишниот фестивал нѝ ја подари „Луда си на мирен начин“.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Текстот на песната го работел со Ива Михајлова, додека музиката и аранжманот се комплетно негово дело.

Роберт Билбилов по три години повторно застана на сцената на „Макфест“, откако претходно беше 'во позадина', односно се потпиша како автор на неколку макфестовски хитови кои други пејачи ги изведуваа.


Повторно балада, песна која ќе ги освои вљубениците во македонските нежни стихови. Билбилов со Михајлова напишал текст кој дефинитивно допира и до 'најзакоравените' срца.

На макфестовската сцена настапи самоуверено, а за Точка вели успешно успеал да ја контролира тремата.

„Се трудам секогаш да се потсетам себеси дека треба да бидам опуштен и природен, бидејќи, и малку ако си згрчен и дозволиш тремата да доминира - ќе ја пренесеш таа енергија и кај публиката“, вели Билбилов.

На прашањето дали е полесно да настапи на „Макфест“ како композитор или изведувач, низ смеа нѝ рече: „Го знаете одговорот“.

„Многу е подобра таа работа во позадина. Можеш да работиш тивко, а сепак гласно. Добро е да си и на сцената, бидејќи сцената е невидена дрога којашто секогаш те тера да ѝ се вратиш, да ја почувствуваш таа енергија од публиката“, признава Роберт.

За многу песни од овогодишниот „Макфест“ се прогнозира дека ќе останат хитови, а Роберт истакнува дека медиумите се клучни во оставање трага на македонската музика.

„Очекувам добрите песни да си го најдат својот пат на радио станиците и на телевизија. Мислам дека оваа година има барем 5 хитови кои би се слушале во текот на годината, но, добра песна останува само добра песна - ако нема поддршка од медиумите“, искрен е Билбилов.

36-то издание е едно од можеби најкоментираните во последните години, дел поради изборот на музичари дебитанти кои високо се пласираа, дел поради новитетите кои „Макфест“ оваа година ги воведе. На прашањето што мисли за промената на водителите на фестивалот, пејачот вели:

„Секоја промена е добра, за да видиме што е добро, а што не е добро. Како велат - каде што има квантитет, таму се препознава квалитетот“, заклучува Роберт Билбилов за Точка.




Спонзорирани линкови

Маркетинг