Холандскиот уметник Јонас Стал со изложба во МСУ: Пропагандата не е само испраќање и манипулирање со пораки, туку конструирање нови реалности

Точка

28/02/2024

09:27

94.096

Големина на фонт

а а а

На 1-ви март, во 20 часот, во Музејот на современата уметност - Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“. Холандскиот уметник, кој ќе биде специјален гостин на музејот е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

Велите дека инсталацијата е направена специјално за Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Значи ли тоа дека дека претходно сте правеле истражувања во Северна Македонија на тема уметност, пропаганда и демократија?

Инсталацијата „Станица пропаганда“ е патувачка инсталација, која е приспособена конкретно за просторот на МСУ - Скопје и дава увид во изминатите десет години од моето истражување за улогата на пропагандата и пропагандната уметност во нашите современи демократии. Дел од проектот е „Школа за пропаганда“, која организира просторно специфични факултети за истражувачи на пропаганда за да го истражат значењето на современата пропаганда во нивната околина. Во случајот на Скопје, тесно соработував со кураторката Ивана Васева и соработникот на Школата за пропаганда, Филип Јовановски, за да составиме програма која се однесува на улогата на „антиквизациската пропаганда“ во историјата на Скопје, со фокус на проектот „Скопје 2014“ кој создаде нови архитектонски и монументални знаменитости за градот, сугерирајќи античко наследство што претходно не било присутно.


Еден од главните елементи на инсталацијата, специјално направена за МСУ е видео студијата „Пропаганден театар“. Кажете ни нешто повеќе за ова?

Пропагандeн театар, видео студија, беше направена по договор со Здружението Јиндрих Чалупецки од Прага, во партнерство со Факултетот за работи што не се учат, Музејот за современата уметност - Скопје, и Музејот на современата уметност Загреб, како дел од изложбата „Станица пропаганда“. Филмот ги претставува основните идеи од изминативе десет години од моето истражување за пропагандата, со акцент на улогата што ја имаат сценариото, сцената и перформансот во производството на согласност. Во суштина, фокусот е на улогата на уметноста во пропагандните театри во кои се разбудивме денес. Театрите што ги нарекуваме реалност.


Вашето мислење е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Значи ли тоа дека пропагандистите немаат интерес да работат во рамките на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови?

За голем дел од пропагандата важно е да се надоврзе на постоечки ставови и убедувања, со цел наративот да најде плодна почва или барем да ги убеди луѓето дека навистина, токму тоа го мислеле цело време, без разлика дали тоа всушност e вистина или не. Луѓето не реагираат добро кога имаат чувство дека се манипулирани кон одредено мислење или позиција. За пропагандата да ја постигне целта, важно е луѓето да се почувствуваат како да тие самите слободно избрале одредена позиција или како светот да го одразува нивното убедување, наместо обратно. Колку повеќе имаме чувство дека нашите убедувања се наши, толку е поефективен нашиот придонес во натурализирањето на пропагандниот наратив и обликувањето на реалноста според неговите интереси.


Неодамна ја добивте престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.За какво достигнување се работи и по кој повод го добивте признанието?

„Prix de Rome“ е награда за уметници од Холандија - или уметници кои работат во Холандија. Наградата ја добив за мојата видео студија Empire’s Island [„Островот на империјата“], која ги истражува пропагандните наративи и способноста за создавање светови на она што филозофите Хард и Негри го нарекоа „Империја“: или подемот на глобалниот капитализам и исчезнувањето на границите помеѓу улогата на приватните корпорации и нациите-држави.


Во 2021 година дониравте дело на музејот, со што ја збогативте колекцијата на МСУ. Што ве инспирираше да донирате дело?

Колекцијата на современа уметност на МСУ за мене е еден вид колекција на солидарноста, спој на многу политизирани дела кои заедно искажуваат став за тоа што би можела да биде или што треба да биде јавната сфера. Многу сум среќен што ја имав можноста за скромно учество во таа збирка на дела што го пропагира толку потребниот хоризонт на колективност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг