Социјалдемократките не се откажуваат од 50 отсто застапеност во извршната власт

Макфакс

17/11/2019

16:06

2.886

Големина на фонт

а а а

Под мотото „20 години чекориме на патот на еднаквоста“, Форумот на жени на СДСМ денеска го одбележа дведецинското постоење. Речиси во сите обраќања на жените од партијата и членки на извршниот одбор на Форумот, акцентот беше ставен на барањето во извршната и во локалната власт жените да бидат рамноправно застапени со мажите.

„Храброста беше неопходна кога пред само три години свртивме нов лист во историјата на нашата земја. Бевте со нас. Бевме на улици и по плоштади. Бевме на удар и под постојан притисок. Бевме храбри и донесовме промени. Жени и мажи, заедно! Без тој успех немаше да биде можен државниот успех денес. Промените бараа храброст и претходно! Кога ја водевме битката за првата квота за жени во Македонија. Успеавме. Кога ја водевме следната битка. Тој успех никогаш немаше да биде можен државниот успех – да вградиме квоти за парламентарните и локалните листи. Пред 20 години бевме амбициозни кога баравме квоти за застапеност, но успеавме. Затоа и денес ве повикувам да продолжиме да бидеме амбицизони, дека имаме цел која се уште не е остварена ама е достижна. Да продолжиме да бидеме амбициозни, повторно да бидеме први и да ја оствариме 50-50 застапеноста. Токму сега, кога го добивме историски најголемиот број на жени пратенички од СДСМ и коалицијата. Токму сега, кога го имаме историски најголемиот број на жени министерки во Владата. И тоа сите од СДСМ и нашата коалиција. Токму сега кога важните ресори на правда, финансии, труд и социјала и одбрана се раководени од жени“, рече заменик претседателката на СДСМ и Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, додели благодарници на неколку соработнички за нивниот придонес во работата на Форумот. Таа им се заблагодари на Елеонора Петрова Митевска, на Цветанка Ласкова и на Цветанка Иванова.

Форумот на жени доби и видео пораки со честитки од колешките социјалдемократки од регионот, а претседателката на Форумот на жени од Словенија рече дека македонските социјалдемократки треба да бидат пример за работа за сите во регионот.