Околу 40-тина најдобри сноубордери (машки и женски) од регионот ќе се натпреваруваат викендов во Маврово. Претседателот на „Полар“ Кирил Насков најавува незаборавна забава и дружење и за учесниците, но и за оние кои ќе го проследат натпреварот во неколку категории: Слоуп стајл во фристајл скијање и сноубордиг, Биг Аир во фристајл скијање и сноубординг, Паралелен велеслалом во сноубординг и Паралелен велеслалом во сноубординг. Заборавете на мобилните, компјутерите и останатите придобивки на современата технологија и дојдете викендов во Маврово да дишеме чист возух и да уживаме во вештините на младите сноубордери.
Како изгледа еден тренинг во сноубординг?
- Тренираме во сала, теретана и на снег. Кондиционите подготовки во сала се најразновидни и тренерите може да бидат многу креативни. Во фискултурната сала во О.У. Коменски имаме 4 термини неделно, а на овие тренинзи во просек доаѓаат 40-тина деца. Еден тренинг накратко изгледа вака: загревање, разгибавање, истегнување, полигони за координација, спринтови, стомачни и грбни склекови (во најразни облици - адаптирани според возраста), скокови на трамболина, баланс борд, доџбол, одбојка, кошарка, фудбал... во однос на тренинзите на снег е сосема различна приказна, овде се зависи од условите кои ги нудат природата и ски центарот... и овде е потребна креативност и воља... и од тренерите и од натпреварувачите, а секако и од скијачкиот центар. Еден годишен циклус на Полар изгледа вака: во подготвителниот период од август до ноември имаме двапати по десетина дена тренинзи на глечер во Австрија, потоа до нова година вообичаено скијаме во регионот. Во Јануари, за распуст ја организираме школата, која оваа година беше во Пампорово и учествуваа 110 деца (во подеднаква полова застапеност) и 15 инструктори. До крајот на март имаме натпревари и тренинзи во Маврово и регионот.
Низ овој процес, на тренинзи на снег и во сала, во клубот Полар досега имаме обучено повеќе од 4000 деца (по наша слободна проценка), во период од 23 години.
Која возраст е препорачлива, кои предиспозиции се потребни и каков е интересот во Македонија и од страна на девојчињата и од страна на момчињата?
- Овие тренинзи во сала ги посетуваат деца од 6 до 17 години. На снег за индивидуални часови со инструктор може да се почне и од 3-4 години, но секако во придружба на некој близок возрасен на детето. На камповите т.е. школите кои ги организираме најчесто учествуваат деца поголеми од 8 години.
Кој е бенефитот и филингот од овој спорт?
- Сето погоре наведено опишува дека сме успеале да „ потрошиме“ количински многу време на квалитетни и убави работи. Секако ова време можело децата да го потрошат на телефон или на други неубави работи. Затоа сметам дека бенифитот е голем, бидејќи го јакнеме телото и духот. А за придобивките и филингот би можеле да пишуваме бескрајно...
Каде да се заштитиме од падови? Што подразбира добра опрема и како се одржува?
- Во сноубордингот имате неограничена слобода на движење и тоа го прави статистички најризичен од зимските спортови (мислам во однос на алпско и нордиско скијање). Превенцијата е многу сложен процес, а и кога мислите дека сте направиле максимално се што е потребно за да се заштитите, сепак постои опасност бидејќи не е возможно се’ да исконтролирате. Ние посветуваме многу внимание на физичката подготвеност на натпреварувачите, добро сетирана и соодветна опрема, заштитна опрема (кацига и разни протектори кои се задолжителни). И секако најважно... умерен и постепен развој, адаптиран индивидуално за секој натпреварувач. Добрата опрема и нејзиното одржување е многу важен фактор во однос на безбедноста. Многу често за лоша опрема знам да кажам дека е тоа како да возите старо Фиќо без кочници... Старата и лоша опрема ги губи потребните својства... Даските стануваат прекрути, ивиците ја губат својата острина, а кондурите ја губат својата цврстина. Тогаш движењата кои ги прави вашето тело не се пренесуваат на снегот.
Има ли кај нас услови за вежбање и бордање?
- Оваа година во Маврово има видливи и опипливи промени кои ние многу ги цениме. Со што би одговорил дека во Македонија има услови за тренинзи и натпревари.
Претстои викендов првенство во Маврово во сноубоединг, што ќе погледнеме?
- Оваа година организираме ФИС отворено државно првенство на Маврово во периодот 1-4.03.2019 во фристајл скијање и сноубординг со следнава програма:
- 01.03.2019 Слоуп стајл во фристајл скијање и сноубординг
- 02.03.2019 Биг Аир во фристајл скијање и сноубординг
- 03.03.2019 Паралелен велеслалом во сноубординг
- 04.03.2019 Паралелен велеслалом во сноубординг
Очекуваме натпреварувачи од регионот и досега се пријавени 40 натпреварувачи во машка и женска категорија од: Македонија, Србија, Бугарија, Грција и Романија. Благодарност до Точка за интервјуто и покана за сите кои се заинтресирани да не посетат.
(А.В.)