Познатите за Точка: „Скопје ми е дома“, „За мене е разочарување“, „Мој град, а јас сум негов“, „Прв бакнеж, прв развод“, „Златно славејче“...

Точка

13/11/2025

14:26

1.465

Големина на фонт

а а а

Постојат градови што ги сакаш, и постојат градови што ги чувствуваш. Скопје е токму тоа - чувство. Град што те прегрнува со мирисот на липите во јуни, што те буди со звукот на Вардар и што знае да биде и бучен и тивок, и сив и шарен, и уморен и жив во исто време.

 На 13 ноември, кога градот го слави својот ден, сите се потсетуваме дека Скопје не е само место на живеење, Скопје е приказна, топлина и припадност.

Токму затоа, на овој ден што му припаѓа нему, решивме да прашаме дел од нашите јавни личности - што за нив значи Скопје, ако треба со една реченица да го опишат Скопје - која би била таа и кое е нивното најубаво сеќавање поврзано со градот?

Во продолжение ви ја носиме скопската емоција на Тамара Тодевска, Тони Зен, Калиопи, Игор Џамбазов, Викторија Лоба, Јован Јованов, Стефан Филиповски, Давид Темелков, Павле Камилоски, Дина Јашари, Мартинијан Кириловски, Симона Поповска, Даниел Николовски, Игор Стојанов – Баркли, Тамара Волческа и Наташа Петровска.

Секој од нив го гледа градот од различен агол - низ музика, уметност, младост, љубов или спомени. Но сите заедно зборуваат на истиот јазик, јазикот на љубовта кон Скопје.

Тамара Тодевска

„Скопје за мене е сѐ. Моето детство, мојата младост, мојата професија, моите деца, пријатели за цел живот… Едноставно, мојот град“.


„Со една реченица, би го опишала како: Скопје е мој град, да, а јас сум неговА. Ете, со стих од нашиот Тони Зен“.

„Многу сеќавања… сакам и денеска да создаваме убави моменти… Убаво е Скопје особено кога имаме сонце како денеска“.

Тони Зен

„Скопје за мене значи ‘Дома’“.

Со една реченица: „Скопје, мој град, а јас сум негов“.


„Детството, запознавање на природата и општеството пред социјалните мрежи, пред интернетот е моето најубаво сеќавање за градот“.

Калиопи

„Скопје е моето дома, мојата приказна од раната младост, првата љубов, остварените мечти“.

Со една реченица: „Скопје, лулко на моето детство, граду на Вардар“.


„Мирисот на липите на ‘Илинденска’ ми е најубавото сеќавање за градот“.

Игор Џамбазов

„Скопје е мојот роден град. Град во кој израснав, учев, растев, го имав првиот бакнеж, првата љубов, првиот секс, матура, дипломска, првиот стан, првиот брак, првиот развод. Градот на мојата вечна младост. Кога бев млад, се гордеев со мојот град. Многу подоцна градот се гордееше со мене... или јас барем така мислев“.


Со една реченица: „Разочарување. Не ми треба цела реченица, доволен е само тој еден збор“.

„Најубавите сеќавања за градот ми се сите журки од деведесеттите, кои траеа по неколку денови, кога Скопје беше најголемиот ноќен клуб на Балканот, кога гости од соседните земји го посетуваа градот и уживаа во него“.

Викторија Лоба

„Скопје за мене е чувството на свежина по пролетниот дожд, мирисот на липите и долгите летни ноќи“.


„Најубавото сеќавање… тие тинејџерски денови, дружењата на видиковецот на Водно“.

Јован Јованов

„Скопје за мене е местото каде започна сè. Тука ги направив првите чекори... Без разлика каде ќе одам, Скопје секогаш останува дел од мене“.

„Скопје е град што постојано се менува, но ја задржува својата топлина и автентичност“.


„Моментот кога првпат ја слушнав мојата песна на радио во Скопје, ми е најубавото сеќавање за градот“.

Давид Темелков

„Скопје е мојот корен, мојата младост, се надевам и мојата старост. Ми значи сè она што еден дом може да значи“.

Со една реченица: „Низ светов минав, та дома туѓинец биднав… лете и зиме, ова срце за еден град гине, Скопје му е име“.


„Во Скопје живеат моите најубави спомени, моето детство, мојата младост“.

Дина Јашари

Со еден збор: „Дома“.

Со една реченица: „Топло е, но може и да застуди“.


„Периодот кога МКЦ беше во полн ек. Таму го имав мојот прв концерт со авторска музика – токму тоа е моето најубаво сеќавање за градот“.

Мартинијан Кириловски

„Скопје за мене претставува град на можности. Скопје е местото каде што можеш да се реализираш. Скопје е град што пулсира со енергија, динамичен, контрастен и секогаш полн со живот“.


„Најубавото сеќавање ми е поврзано со моментите кога првпат настапив пред скопска публика“.

Игор Стојанов - Баркли

„Скопје за мене е приказна која сум ја наследил од дедо ми и татко ми. Град со многу атрибути“.


Со една реченица: „Така ти е тука, е мој батка, сè е рамно од Белви до Матка“.

„Моите најубави сеќавања. Предновогодишната атмосфера“.

Тамара Волческа

„Лично кажано, Скопје ми ја донесе слободата“.

Со една реченица: „Скопје беше, и ќе биде - радост“.


„Раздвиженост, забави, преубави студентски денови, по некоја чашка плус – тоа ми се најубавите сеќавања за градот“.

Наташа Петровска

„Скопје за мене е град што ме обликувал. Место каде ги имам сите луѓе што ги сакам. Тоа е мојата сигурна точка“.


Со една реченица: „Град со карактер и емоција - секогаш со малку хаос, но со многу срце“.

„Најубавото сеќавање на Скопје - прошетки на кеј, залези на Водно, спонтани вечери со пријатели“.

Стефан Филиповски

„Роден град - љубов“.

Со една реченица: „Собир на сите граѓани на Македонија“.


„Парк, гитара, друштво, Вардар, ‘Златно славејче’ и концерт на Next Time се најубавите сеќавања што ги носам за Скопје“.

Симона Поповска

„Скопје е градот каде што растев и созреав, каде што паралелно станував и доктор и уметник. Скопје е темпото, хаосот, енергијата и малку суровата вистина што те тера да пораснеш побрзо“.


„Најубавото сеќавање, кога на 6 годишна возраст за првпат влегов во МРТ и гостував во тогашниот 'Ѕвон' ,тоа за мене беше остварување на еден сон и желба која ја посакував и тоа чуство не се заборава“.

Со една реченица: „Скопје е град што дише брзо, сака силно и памети долго“.

Павле Камилоски

„Мојот град. Мојот роден град. Првиот здив кој сум го зел, првиот допир на земјата под моите нозе. Моето семејство, мојата фамилија, мојата професија. Топлината на родителскиот дом и смеата која ечи од семејните собири. Секоја улица е сведок на чекорите од моето детство, безброј приказни за чиста и искрена љубов, поддршка и безусловна припадност“.


Со една реченица: „Скопје, душо моја напатена“.

„Мојот прв концерт под отворено небо во срцето на градот. Боемскиот дух и срцето на Дебар маало е нешто што секогаш ќе ми буди убави сеќавања за Скопје“.

Даниел Николовски

„Скопје за мене е местото каде што започнува секое мое чувство на припадност - градот што ме обликувал, ме инспирирал и ми подарил спомени кои секогаш ме враќаат дома, без разлика каде и да сум“.


Со една реченица: „Скопје е магичен град полн со живот, топлина и приказни, место каде секој камен и улица носат своја емоција“.

„Најубаво се сеќавам на новогодишниот период, кога целото Скопје свети во празнична магија - накитени улици, мирис на топли мини крофни на плоштадот и чувство на заедништво под зимското небо“.

Скопје, град што живее во нас

Од песните и мирисите, до топлината на луѓето - Скопје е приказна што не завршува. Секој од нас го има своето Скопје: нечија младост, нечиј прв настап, нечија љубов или нечиј дом. И можеби токму затоа, без разлика каде одиме, Скопје секогаш нè наоѓа.

Автор: Ц.Н.