Пред да ги менуваме правилата за идните пензии, потребни се јасна оценка на досегашните резултати и одговорност за последиците врз членовите.
Во актуелната расправа за вториот пензиски столб се отворија повеќе различни прашања: остварените приноси, трошоците на управувањето, притисокот врз јавните финансии, можноста за избор и привременото запирање на уплатите. Секое заслужува анализа. Нивното преточување во предлози за промена, меѓутоа, бара заедничко мерило, а тоа се последиците за членовите.
Во текот на две децении тие издвојуваат средства според утврдени правила, со очекување дека акумулираната заштеда ќе обезбеди дел од нивниот приход во староста. Членовите имаат ограничено влијание врз законските параметри, инвестициските можности и постапувањето на институциите, а резултатите непосредно се одразуваат врз нивната идна пензија.
Членовите имаат индивидуални сметки, но одговорноста за условите во кои се создава нивната идна пензија е споделена. Тоа треба да биде појдовната точка при оценувањето и на постојниот систем и на неговите можни измени.
Прво целосна ревизија, а потоа реформи
Оценката на вториот столб бара да се поврзат почетните претпоставки, подоцнежните промени на параметрите и реално остварените резултати. Потребно е да се разграничи влијанието на демографските и економските движења од ефектите на одлуките за придонесите, надоместоците, инвестициските ограничувања и пензиските права.

Глобалната финансиска криза, пандемијата и инфлациските шокови се важни за разбирањето на резултатите. Нивното наведување како причини за отстапување од очекувањата треба да биде проследено со ажурирани проекции и предлози за приспособување. Објаснувањето што се случило добива практична вредност кога ќе покаже што значи тоа за идните пензии и што може да се подобри.
Истото важи и за приносите. Споредбата со првичните сценарија треба да користи усогласена методологија, со јасно разграничување на номиналниот и реалниот принос, периодот на мерење и третманот на надоместоците. Потоа следува прашањето колкава вкупна пензија од двата столба може да очекува членот според денешните услови.
Таквото тестирање треба да опфати различни генерации, нивоа на приходи и должина на стаж, вклучително и периоди без уплата на придонеси. Потребни се и одделни пресметки за жените и мажите. Разликите во платите, работниот век и периодите посветени на грижа можат да се пренесат во акумулираните средства и во пензиските примања. Просечниот резултат за системот не ги покажува сите овие разлики.
Ако вакви интегрирани анализи се изработени, нивните претпоставки и резултати треба да бидат јавно достапни за стручна проверка. Тие се основа за оценување на предложените мерки и на нивните алтернативи.
Странските искуства не се готови рецепти
Во јавните најави за можни промени се посочуваат искуствата на Унгарија, Полска и балтичките земји, при што меѓу разгледуваните сценарија е наведено и привремено запирање на уплатите во вториот столб.

Овие примери се релевантни кога се разгледуваат заедно со причините за нивното воведување, времетраењето и последиците. Значаен дел од интервенциите следуваше по глобалната финансиска криза од 2008 година. Во балтичките земји намалувањето на придонесите беше дел од одговорот на остри рецесии и притисок за фискална консолидација.
Привремена кризна мерка со компензација, трајно намалување на придонесите и пренос на акумулирани средства се различни интервенции. Самото постоење на странски пример не ја докажува неговата соодветност за Македонија. Затоа е потребна домашна процена на ефектите врз јавните финансии, пензиските права и очекуваниот приход на членовите.
Буџетското олеснување има и пензиска последица
Пренасочувањето на придонесите за вториот столб кон првиот столб би ја олеснило неговата тековна финансиска состојба. Во истиот период на индивидуалните сметки би се уплаќале и акумулирале помалку средства. За да се оцени вкупниот ефект, треба да се пресметаат и правата што членот би ги стекнал во првиот столб, како и евентуалната компензација за пропуштените уплати.
Ако мерката е привремена, потребно е точно да се утврди времетраењето, условите за повторно воспоставување на уплатите и начинот на надоместување. Ако се предлага трајна промена, потребна е долгорочна процена на пензиските и буџетските обврски. Во двата случаи треба да се покаже како се распределуваат трошоците и ризиците меѓу сегашните осигуреници, идните пензионери и државата.
И евентуалниот избор за преминување во првиот столб бара повеќе од формална можност за изјаснување. Членот треба да добие споредливи пресметки за очекуваниот приход, објаснување за третманот на акумулираните средства, наследувањето и другите права, како и информација дали одлуката е конечна. Во спротивно, одговорноста за сложен избор се пренесува врз лице што нема доволно податоци за да го процени.
Најавеното преуредување на наплатата и распределбата на придонесите треба да се оценува според неговата конкретна содржина. Пренесувањето на одредба во друг закон и промената на административните надлежности сами по себе не значат промена на моделот. Но поврзаните решенија треба да бидат целосни, усогласени и истовремено достапни, за нивните последици да можат навреме да се согледаат.
Одговорноста се следи низ целиот систем
Навременоста на трансферите веќе е предмет на официјални ревизорски наоди. Државниот завод за ревизија утврди просечно двомесечно доцнење во 2024 година и околу 2,59 милијарди денари нераспределени придонеси заклучно со 27 февруари 2026 година. Во извештајот се наведува дека ПИОМ навремено ги доставувал пресметките до трезорот на Министерството за финансии, но средствата не се пренесувале навремено до фондовите.

Потребно е прецизно да се утврди каде настанувало доцнењето, како постапувале надлежните и дали бил пресметан и уплатен надоместокот за ненавременото пренесување, на чие плаќање укажува ревизијата.
Друштвата и регулаторот, во рамките на своите надлежности, треба да покажат како ги следеле овие состојби, кои мерки ги презеле и како ги информирале членовите. Оценката на нивното постапување треба да се темели врз конкретни активности и ефекти.
Слична проверка е потребна и на управувањето со средствата. Треба да се оцени дали инвестициската рамка се приспособувала доволно навреме, дали порано можело да се воведат мултифондови и кои можности за подобар однос меѓу приносот и ризикот останале неискористени. Не може однапред да се утврди колкав дополнителен принос би донел поинакви решенија. Нивното навремено разгледување, меѓутоа, е дел од одговорното управување со системот.
Информирањето на членовите треба да овозможува разбирање на овие прашања, покрај увидот во состојбата на сметката. Вреди да се разгледа и формален механизам за нивно претставување и учество во надзорот, со јасни правила за стручност, независност и отчетност.
Останатиот дел од текстот прочитајте го ТУКА.
Автор: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија















