Драматично предупредување на Зеленски: „Ако паднеме, 20 милиони луѓе ќе пристигнат во Европа“

Макфакс

16/10/2026

20:13

304

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека има силна поддршка од европските лидери и ги отфрли наводите за мек тонот кон американскиот претседател Трамп. Тој предупреди дека, доколку Украина падне, 20 милиони луѓе ќе се упатат кон Европа, потенцирајќи ја важноста од заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Украина има поддршка од сите европски лидери, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски, негирајќи ги медиумските извештаи дека од европските претставници било побарано да го омекнат тонот во разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп.

„За време на денешните состаноци немаше никакви забелешки. Слушнав само поддршка од моите европски колеги, за што сум благодарен“, рече Зеленски на прес-конференција, откако учествуваше во делот од самитот на Европската унија посветен на Украина и одржа неколку билатерални разговори со европските лидери.

Според некои медиумски извештаи, европските претставници го замолија Зеленски да не ги затегнува односите со американскиот претседател Трамп, за да не го налутат дополнително.

Запрашан за односите со Трамп и коментарите на американскиот претседател дека е потешко да се преговара со него отколку со рускиот претседател Владимир Путин, Зеленски рече дека морал да го брани опстанокот на својата земја.
Тој истакна дека договорот на Трамп со Русија за увоз на дизел не е добар и предупреди дека тоа може да доведе до лизгава патека, по што би можеле да следат договори за увоз на руски гас, укинување на санкциите врз рускиот банкарски систем, одредени поединци и хемиската индустрија, и конечно дискусии за замрзнатите руски средства.

На прашањето дали Украина ќе продолжи со нападите врз руските рафинерии, и покрај барањето на Трамп да престанат нападите, Зеленски рече дека обично не зборува за деталите за украинските операции.

„Ако паднеме, 20 милиони Украинци ќе дојдат во Европа“

Зеленски рече дека рускиот претседател Владимир Путин не сака мир и дека неговата цел е да ја уништи Украина.

„Тој не го почитува нашиот суверенитет и територијален интегритет. Донбас не му е доволен. Ако паднеме, 20 милиони Украинци ќе дојдат во Европа. Затоа бараме да останеме силни и да ја браниме нашата земја“, рече украинскиот претседател.

Фото: ЕПА