Протести низ Франција: блокирани училишта, судири со полицијата и стотици илјади на улиците

Макфакс

06/10/2026

20:00

213

Големина на фонт

а а а

Стотици илјади луѓе во Франција излегоа на протести против лошата состојба во образованието, вклучувајќи средношколци, студенти и наставници, со блокирани училишта, бројни судири со полицијата и барања за подобри услови и повеќе инвестиции.

Стотици илјади луѓе денеска излегоа на улиците низ Франција заедно со средношколци и студенти, во нов ден на масовна мобилизација поради состојбата во образованието. На протестите им се приклучија синдикатите и дел од левичарската опозиција, додека во повеќе градови беа регистрирани судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на протестите низ земјата учествувале 256.000 луѓе, од кои 56.000 во Париз. Организаторите, пак, објавија значително повисока бројка и тврдат дека на улиците излегле околу 450.000 луѓе, меѓу кои 100.000 во француската престолнина.

Учениците кои ги блокираат училиштата бараат подобри услови за учење, повеќе наставници и дополнителни средства за образованието. Тие се жалат на преполни училници, недостиг од наставен кадар, дотраени училишни објекти, долги училишни денови и лоши распореди, како и на нееднаквоста меѓу училиштата.

Синдикатот на средношколците Union Syndicale Lycéenne соопшти дека 1.800 средни училишта се блокирани или затворени, како и околу 90 отсто од универзитетите. Меѓу барањата на синдикатот се отворање 150.000 нови места во високото образование, издвојување 10 милијарди евра за итна обнова на училиштата и масовно вработување наставници.

Од друга страна, според податоците на француското Министерство за образование, наставата била целосно или делумно прекината во 891 училиште низ земјата.

„Ние само сакаме подобри услови“, изјавил за АФП 17-годишниот Томас, средношколец од Вал-де-Марн, во поширокиот регион на Париз. Тој раскажал дека во училиштето понекогаш нема доволно клупи и столчиња, дека во мензата може да останат само леб и вода за учениците кои ќе дојдат последни, а дел од тоалетите немаат ниту врати, тоалетна хартија или сапун.

На протестите им се приклучија студентски и просветни синдикати, како и повеќе политички партии од левицата. Во Париз протестната поворка тргна нешто по 14 часот од Плоштадот на Републиката.

Во повеќе градови протестите беа проследени со инциденти. Во Рен полицијата употреби водени топови, а маскирани демонстранти запалија канти за отпад. Во Тулуз беше употребен солзавец, додека во Стразбур демонстранти фрлаа петарди кон полицијата. Судири меѓу полицијата и демонстрантите беа регистрирани и во Лион и Париз.

На булеварот Волтер во Париз биле искршени и излози на продавници, откако претходно во близина дошло до судир меѓу интервентната полиција и дел од демонстрантите.

Француските власти соопштија дека досега во протестите се уапсени повеќе од 5.000 лица, од кои над 4.400 се малолетници.

Во тек е и истрага против полицаец поради тешкото повредување на 14-годишниот Еден во париското предградие Сен-Уен-л’Омон. Според обвинителството, момчето било погодено во лицето со проектил испукан од полициски фрлач на гранати.

Протестното движење почна во поширокиот регион на Париз. На 17 септември наставници и ученици во средно училиште во Кретеј протестираа поради недостигот од персонал. Учениците почнале да ја бојкотираат наставата и да организираат блокади, по што протестите брзо се прошириле во соседните области, а потоа и низ целата земја.

Дел од протестите во изминатите денови прераснаа во насилство, со апсења, запалени училишта и стотици повредени. Министерството за образование соопшти дека меѓу повредените има и 78 вработени во образованието.