Претседателот на Собранието Африм Гаши, како и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска и потпретседателот на Комисијата за локална самоуправа, Пеце Милевски, се сретнаа со Делегација од Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа составена од двајцата коизвестители за локална демократија, Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија.
На средбата се разговараше за спроведувањето на Европска повелба за локална самоуправа и почитување на човековите права и владеењето на правото на локално ниво.
Претседателот Гаши нагласи дека децентрализацијата претставува важен демократски принцип, кој придонесува одлуките што непосредно ги засегаат граѓаните, кога тоа е возможно и соодветно, да се носат на локално ниво, имајќи ги предвид нивните потреби и специфичностите на локалните заедници.
Во тој контекст тој посочи дека децентрализацијата е еден од клучните аспекти и на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, со кој беше предвидено зајакнување на локалната самоуправа и поголемо учество на граѓаните и заедниците во процесите на локално одлучување.
На средбата беа разгледани и прашањата поврзани со независноста на локалните власти и процесот на децентрализација, со посебен фокус на финансиската децентрализација и финансиската автономија, како и на надлежностите на градоначалниците и општинските совети.
Соговорниците разговараа и за предизвиците со кои се соочуваат општините во однос на финансиската одржливост, заштитата на животната средина, демографските промени и нивните административни и институционални капацитети, како и за можностите за натамошно унапредување на локалната самоуправа.
Конгресот на локални и регионални власти изготвува редовни извештаи за ситуацијата со локалната и регионалната демократија за секоја од земјите членки на Советот на Европа со цел да осигури дека се имплементираат принципите на Европската повелба за локална самоуправа. Мониторинг комисијата на Конгресот е тело кое изготвува извештаи за локалната и регионална демократија и врши мониторинг врз редовна основа за тоа како земјите членки ги имплементираат препораките на Конгресот. Последниот извештај за државата бил изготвен во 2021 година.












