Полицијата со засилени контроли за користење мобилни телефони во сообраќајот

Макфакс

06/10/2026

10:03

221

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи спроведува засилени контроли насочени кон спречување на користењето на мобилни телефони и други електронски уреди при управување возила, во рамки на европската кампања за поголема безбедност во сообраќајот.

Од 5 до 11 октомври, во рамки на меѓународната кампања на ROADPOL „Focus on the Road“, Министерството за внатрешни работи спроведува засилени сообраќајни контроли насочени кон непрописна употреба на мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди при учество во сообраќајот.

Кампањата истовремено се реализира во 34 европски држави, со заедничка цел – намалување на ризиците предизвикани од одвлечено внимание и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.

„Пишувањето пораки, телефонските разговори, проверувањето известувања или користењето социјални мрежи додека управуваме возило го одвлекуваат вниманието од патот. Доволни се само неколку секунди невнимание за возачот да пропушти навреме да забележи опасност и да реагира“, велат од МВР.

Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и целосно фокусирани на патот.

„Не дозволувајте еден поглед кон екранот да биде причина за сообраќајна трагедија. Возете внимателно – гледајте го патот. Телефонот оставете го за подоцна“, апелира МВР.