Во септември, заловени 172 бездомни кучиња во Скопје, 105 вратени на локацијата

Макфакс

06/10/2026

08:40

136

Големина на фонт

а а а

Во септември, ЈП Лајка заловило вкупно 172 бездомни кучиња на различни локации во Скопје, од кои дел се стерилизирани, вдомени или вратени назад на терен. Активностите биле засилени поради настани како Скопскиот маратон, со цел заштита на граѓаните и животните.

Во текот на септември ЈП „Лајка“ заловило 172 бездомни кучиња во Скопје, од кои 124 се стерилизирани/кастрирани, 44 се вдомени, а 105 се вратени на локацијата каде биле заловени.

Во Општина Аеродром во текот на месецот беа заловени 25 кучиња. Од подрачјето на Општина Бутел беа заловени и третирани вкупно 39 кучиња, во Општина Гази Баба – 18 кучиња, во Општина Ѓорче Петров 15 кучиња.

Во текот на септември, од подрачјето на Општина Карпош беа заловени и третирани 24 кучиња, а тимовите на ЈП Лајка заловија и третираа 29 кучиња од територијата на Општина Кисела Вода.

Од различни локации на територијата на Општина Центар беа заловени и третирани вкупно 23 кучиња, додека од територијата на Општина Чаир беа заловени и третирани 2 кучиња.

„Секое заловено куче поминува низ ветеринарен преглед и, согласно неговата состојба и програмата на ЈП Лајка, соодветен ветеринарен третман, стерилизација/кастрација, вакцинација против беснило, микрочипирање и идентификација“,велат од претпријатието.

Во септември, теренските тимови на ЈП Лајка беа дополнително ангажирани во пресрет на Скопскиот маратон и „Бела ноќ“. Активностите биле насочени кон централното градско подрачје и долж трасата на маратонот, каде поголем број бездомни кучиња беа привремено згрижени во прифатилиштето. Целта била превентивно да се обезбеди безбедно одвивање на настаните за граѓаните и учесниците, а истовремено и безбедност на самите кучиња во услови на зголемена фреквенција на луѓе и сообраќај.

Во септември, ЈП Лајка за првпат ја организираше теренската работа со четири екипи за заловување, со активности во проширен временски период од 05:00 до 20:00 часот.

„Екипите стратешки делуваа на територијата на Кисела Вода, Центар и Гази Баба, согласно однапред утврден план за заловување. Паралелно со планираните активности, продолжи и ургентното постапување по пријави од граѓани, општини и институции на целата територија на Скопје, во првиот можен момент, а најдоцна во рок од 24 часа“, велат од ЈП Лајка.

Во септември, вкупната бројка на вдомени кучиња е 44 од кои 14 се кучиња кои во „Лајка“ престојувале со години. Четири кучиња, пак, биле привремено згрижени.