Иранскиот претседател: Нема смисла да преговараме со САД додека ни се закануваат

Макфакс

05/10/2026

21:10

132

Големина на фонт

а а а

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека преговорите со Соединетите Американски Држави немаат смисла, за време на средбата со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан во Техеран, објавија иранските државни медиуми.

„Нема смисла да се преговара со непријател кој секојдневно тероризира, воведува санкции, врши притисок и се заканува“, изјави Пезешкијан.

Иран во неделата соопшти дека САД одговориле на седумдневниот план на Техеран и дека американскиот одговор во моментов се разгледува. Иранските власти истовремено порачаа дека се подготвени и за други сценарија доколку напорите за постигнување мир не успеат.

Најновиот ирански седумдневен план го претстави министерот за надворешни работи Абас Арагчи за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Целта е да се стави крај на судирите со САД и повторно да се отвори стратешки важниот Хормуски Теснец.

Според предлогот, доколку бидат исполнети условите на Техеран, Ормускиот Теснец би можел повторно да биде отворен и нормалниот поморски сообраќај да биде воспоставен во рок од седум дена.

Меѓу барањата што ги наведува иранската страна се прекин на воените активности и непријателствата, вклучително и во Либан, запирање на поморската блокада на иранските пристаништа, укинување на санкциите за извозот на иранска нафта и одмрзнување на иранските средства во странски банки.

Иран инсистира на исполнување на седум услови наведени во привремениот договор со САД од јуни, пред повторно целосно да го отвори Хормускиот Теснец.