Средба на Сиљановска-Давкова со претставнички на здружението До бебе по патот на ин витро

Макфакс

05/10/2026

18:10

209

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со претставнички на здружението за ин-витро оплодување „До бебе“, при што беше разговарано за предизвиците и потребите на лицата кои се соочуваат со неплодност, како и за можностите за подобрување на условите и правата при ин-витро процесот во државата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставнички на здружението за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување (ин-витро) „До бебе по патот на ин – витро“, во состав Деспина Петровска, претседател и членови Наташа Ѓорѓиева Божинов и Марија Михајлоска Јанкуловска.

Претседателката најпрво им честиташе на храброста на сите жени и мажи коишто одлучуваат да станат родители по пат на „ин-витро“, истакнувајќи дека се силни личности.

Таа го поздрави ангажманот на здружението, коешто како прво и единствено од ваков вид, се бори не само за унапредување на правата на пациентите кои поминуваат низ ин-витро процесот, туку и за достоинствено мајчинство и родителство.

Претставничките на здружението ја информираа претседателката за своите активности, укажажувајќи дека според податоците на Светската здравствена организација, едно од шест лица се соочува со неплодност, а соодносот меѓу мажите и жените е еднаков.

За нив, од исклучителна помош се измените на Законот за здравствена заштита, со којшто бројот на бесплатни ваучери за ин-витро, се зголеми од три на шест обиди, а клексанот започна да се издава на лекарски рецепт.

На средбата беа презентирани неколку барања и цели: зголемување на фондовите за поквалитетна терапија за ин-витро, можност генетските испитувања и анализи да се прават во МАНУ, а пренаталните, наместо во странство да се вршат во државата.

Имајќи го предвид проблемот со наталитетот во државата, тие укажуваат на потребата од системска поддршка на оваа микро категорија на граѓаните, која, како што дополни претседателката, има макро ефект врз општеството.