[ВИДЕО] Д-р Дејан Докиќ алармира: „Резистенцијата на антибиотици во Финска е 5%, кај нас 60-70% - таму нема како кај нас ‘докторе, дајте ми антибиотик’“

Точка

02/10/2026

10:32

323

Големина на фонт

а а а

Непотребното и прекумерното користење антибиотици е еден од главните фактори што придонесуваат за развој на антимикробна резистенција.

На ова укажа професор д-р Дејан Докиќ, пулмоалерголог, говорејќи во емисијата „Телма амбуланта“ за навиките на пациентите и разликите во пристапот кон антибиотската терапија во Македонија и другите земји.

Како што објасни, високата температура сама по себе не значи дека пациентот има потреба од антибиотик. Кај вирусните инфекции антибиотиците немаат дејство, па затоа нивната употреба без медицинска индикација може да придонесе бактериите со текот на времето да станат отпорни на лековите.

Д-р Докиќ ја посочи Финска како пример за систем во кој антибиотиците се препишуваат многу повнимателно:

„Во Финска, да ви кажам, 5% стрептококус пневмонија е резистентен на бета-лактамини, на пеницилини. А кај нас 60%-70%. Затоа што таму, и да имате температура, не ви даваат антибиотик.


Нема потреба, ќе ви кажат, па ќе отидете дома со чаеви, па ќе ви кажат во кои услови да се јавите, кои параметри да следите, па дури подоцна да се јавите на доктор.

Па и тогаш, ако температурата не спаднала, малку се намалила, и тогаш веднаш нема да ви дадат антибиотик. Затоа резистенцијата е 5%, а кај нас 60%. Тоа веќе се рефлектира.

Видовте колку има смртни случаи директно припишани на антимикробната резистенција. И тоа ќе расте“, вели докторот.

„Во САД исто правеле испитување, доколку матичниот лекар му даде антибиотик на пациентот, после неговите очекувања се големи - тогаш самиот инсистира да му се даде антибиотик, иако можеби нема потреба.

Значи, после оди и вика „Да, минатиот пат ми дадовте, ми беше побрзо подобро, сакам пак да ми дадете“.

Значи, инсистира докторот да му даде антибиотик, мешајќи се во стручниот дел, бидејќи неговите очекувања се сега такви. Кај нас тоа случува многу повеќе од таму. Верувајте, затоа што таму е строго контролирано препишувањето на антибиотици“.


Според д-р Докиќ, токму очекувањето дека антибиотикот треба да биде препишан веднаш може да влијае врз одлуките за терапија. Пациентите неретко се потсетуваат на претходни искуства кога по земањето антибиотик се чувствувале подобро и очекуваат истиот пристап да се повтори.

Проблемот е што подобрувањето по започнување терапија не значи нужно дека антибиотикот бил потребен, особено кога станува збор за вирусна инфекција која и онака би поминала со текот на времето.

Затоа, наместо самостојно земање антибиотици или инсистирање кај матичниот лекар за терапија, важно е лекот да се користи само кога постои медицинска причина за тоа.

Посебен проблем претставуваат и антибиотиците што остануваат во домашните аптеки по завршување на претходни терапии. Нивното повторно користење без лекарска проценка може да биде несоодветно и да придонесе кон дополнителна отпорност на бактериите.

Пораката е едноставна: антибиотикот не треба да биде автоматски одговор на температура, настинка или друга вирусна инфекција. За тоа дали е потребна антибиотска терапија треба да одлучи лекар, врз основа на клиничката слика и, кога е потребно, соодветни анализи.