Во Тенеси е закажана егзекуција на жена, прва по повеќе од 200 години

Макфакс

27/09/2026

13:07

532

Големина на фонт

а а а

Во американската сојузна држава Тенеси, на 30 септември е закажана првата егзекуција на жена по повеќе од 200 години. Криста Пајк е обвинета за убиство од 1995 година и нејзината одбрана укажува на сериозни елементи од нејзиното детство со злоупотреба и психички пореметувања.

Криста Пајк (50) треба да биде погубена на 30 септември во Тенеси со смртоносна инјекција, што би била првата егзекуција на жена во оваа американска сојузна држава по повеќе од 200 години.

Извршувањето на казната може да биде одложено или прекинато доколку гувернерот на Тенеси, Бил Ли, донесе таква одлука. Адвокатите на Пајк поднеле барање за запирање на егзекуцијата, а за тоа повикаа и експерти за човекови права на Обединетите нации.

Пајк во 1995 година, заедно со тогашниот партнер Тадарил Шип, ја мачела и убила 19-годишната Колин Слемер, која ја запознале во камп за проблематични тинејџери. Случајот привлече големо медиумско внимание, откако телото на девојката било пронајдено со пентаграм исечен на градите.

Една година подоцна, Пајк била осудена на смрт, додека Шип добил доживотна затворска казна. По повеќегодишни неуспешни жалби, датумот за егзекуцијата е утврден за следната среда.

Адвокатите на Пајк, сепак, тврдат дека во текот на судењето не биле презентирани важни податоци за нејзиното детство. Според нив, таа била жртва на физичко и сексуално насилство, запоставување и семејно насилство уште од најрана возраст.

– Нејзиното детство било испреплетено со физичко, сексуално и емоционално злоставување, изјавил психологот кој работел со Пајк.

Според документите презентирани во подоцнежните постапки, Пајк била повеќепати сексуално злоставувана како дете, вклучително и од партнери на нејзината мајка и баба.

Нејзината одбрана дополнително наведува дека во 2021 година ѝ било дијагностицирано биполарно пореметување, за што оттогаш прима терапија. Психолог кој ја проценувал во 2023 година изјавил дека кај неа биле присутни и посттрауматски симптоми и нетретирани манични епизоди.

Од 1970-тите досега во САД се извршени смртни казни над 18 жени, во споредба со 1.663 мажи, според податоците наведени во извештајот.