Бабунски се наврати на незаборавните спомени од Барса: Се уште се сеќавам со која фраза ме повикуваа Нејмар и Дани Алвеш

Дерби

26/09/2026

18:18

299

Големина на фонт

а а а

Давид Бабунски во овој момент е еден од најискусните фудбалери во првиот тим на Вардар, но како репрезентативец кој доживеа многу возбудливи авантури во кариерата, сепак може да се признае дека најдоброто го имаше на самиот старт на патувањето.

Бабунски дури десет години беше дел од „Ла Масија“ и имаше период кога тренираше со големите ѕвезди на Барселона, па во период кога се одбележуваат десет години од неговото заминување од клубот, Давид ексклузивно говореше за програмата „АДН Масија“ која ја водат Андреа Хинез и Хауме Марсет.

Двајцата домаќини го навратија Бабунски на деновите кога буквално се пробиваше на фудбалската сцена, но го потсетија и на прекарот кој му беше даден од своите соиграчи, а беше актуелен и во првиот тим на Барселона.

– Секако дека се сеќавам на прекарот, ме викаа „филозофот“. Ги споделував моите филозофски интереси со другите и затоа бев одбележан како филозоф. Покрај фудбалот, една од моите страсти беше потрагата по знаењето. Верував дека тоа може да ми помогне во многу аспекти од животот. Посветував многу време на читање, истражување на сопственото постоење и размислување за големите животни прашања – како на пример, кој сум јас и која е мојата цел. Мојата улога беше да иницирам поинаков вид разговори, нешто што излегуваше од рамките на вообичаените теми. Тоа беше многу позитивно, бидејќи секое патување или заедничка вечера поттикнуваше интересни прашања и дебати.

– Се сеќавам дека доста соиграчи се вклучуваа. Користев теми како исхраната или важноста на менталниот склоп во спортот како вовед за следните прашања. Тоа се клучни фактори во кариерата на еден играч. Оттаму, разговорот природно се насочуваше кон пофилозофски прашања и подлабоки аспекти на умот и животните приоритети. Имав соиграчи како Жоан Роман, Серхи Гомез, Патрик Габарон и други. Се сеќавам дека водев многу разговори со Адама Траоре за наука, постоењето на Бог и филозофски теми. Навистина уживавме во тоа. Чувствував голема почит од страна на соиграчите и никогаш не ја отфрлаа мојата замисла за животот. Некогаш дури и ме молеа да им одржам краток говор на таа тема. Навистина се чувствував ценет. Тренерите беа свесни за тоа и гледаа позитивно на тоа, – се навраќа Бабунски, кој се сеќава дека со терминот „филозоф“ му се обраќање и ѕвездите од првиот тим на Барса.

– За мене беше привилегија да тренирам покрај такви ѕвезди. Да тренирам покрај толку многу врвни играчи и да учествувам на тренинзи со Гвардиола, Луис Енрике, Тата Мартино и Тито Виланова беше остварување на сонот. Бев воодушевен што научив толку многу и што бев опкружен со такви одлични луѓе кои одлично се однесуваа кон мене. Интересно е што, благодарение на „Барса ТВ“, играчите од првиот тим веќе ги познаваа оние што доаѓаа од Барса Б, или од тимот „Хувенил А“. Нејмар и Дани Алвеш знаеја да речат: „Филозофу, дојди овде со нас“, и навистина се чувствував добредојдено во првиот тим, – се потсетува Бабунски