Во Атина, силна експлозија урна зграда во туристичкиот кварт Плака, при што две лица загинаа а четворица се исчезнати. Спасувачките екипи продолжуваат со пребарување, додека се истражува причината за несреќата.
Две лица загинаа, а четири се водат како исчезнати по силната експлозија што урна станбена зграда во историскиот кварт Плака во центарот на Атина, во близина на Акропол, соопшти грчката противпожарна служба.
Спасувачките екипи во текот на ноќта и утрово трагаа по исчезнатите лица во урнатините. Во акцијата се користат багери, специјална опрема за пребарување и термовизиски камери.
Експлозијата се случила во петокот во двокатна зграда на улицата Лисикратус, во туристичкиот кварт Плака. Од силината на детонацијата објектот се урнал, а оштетени биле и околните згради, автомобили и други објекти.
Building explosion and collapse in Athens Greece today pic.twitter.com/Kb0Kp8032W
— I, Christian (@i_christian__) September 25, 2026
Дел од урнатиот објект бил изнајмуван на туристи преку краткорочен престој. Според грчките медиуми, меѓу исчезнатите има странски туристи, но официјалните власти сè уште не ги потврдиле сите информации за нивниот идентитет.
Првичните информации укажуваат дека истекување на природен гас е една од главните можни причини за експлозијата. Истрагата за причините за несреќата е во тек.
Во моментот на експлозијата во близина на објектот имало голем број туристи, бидејќи Плака се наоѓа во непосредна близина на Акропол и Храмот на Олимпискиот Зевс.
Спасувачите претходно извлекоа и две жени кои биле заробени во соседна зграда, а во експлозијата биле повредени и други лица.







