Во Хелсинки едногласно усвоена Резолуцијата на Македонското друштво „Илинден“ -Тирана кое бара Пустец да се преименува во Преспа

Макфакс

19/09/2026

20:00

590

Големина на фонт

а а а

Федералната унија на европските националности едногласно ја усвои Резолуцијата поднесена од Македонското друштво „Илинден“-Тирана во Хелсинки. Резолуцијата содржи четири главни барања за заштита на македонското национално малцинство во Албанија, меѓу кои ратификација на Европската повелба, заштита на идентитетот и преименување на Општина Пустец во Преспа.

Федералната унија на европските националности (ФУЕН), на својот конгрес што се одржува во Хелсинки, Финска, денеска едногласно ја усвои Резолуцијата поднесена од Македонското друштво „Илинден"-Тирана. Овој чин претставува уште еден голем дипломатски и институционален успех за македонското национално малцинство во Република Албанија.


Со усвоената резолуција, ФУЕН упатува четири клучни барања до албанските и меѓународните институции:

  1. Ратификација на Европската повелба: Република Албанија итно да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици.
  1. Заштита на идентитетот: Да се преземат ефективни и конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет од зачестените притисоци, негирања и асимилација.
  1. Зачувување на Општина Пустец: Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на претстојната нова административно-територијална реформа во Албанија.
  1. Преименување: Општина Пустец официјално да се преименува во Општина Преспа.

Веднаш по гласањето на делегатите, претседателот на Македонското друштво „Илинден"-Тирана, Никола Ѓурѓај, во изјава за весникот „Македониум“ го истакна значењето на овој момент.


„Ова е значаен чекор за зачувување на македонскиот јазик, идентитет, култура и сите права на Македонците во Република Албанија. Веќе 11 години, како рамноправна членка на ФУЕН, активно учествуваме во работата на оваа реномирана европска организација и ги застапуваме интересите на нашиот народ. Ова е можност за нови искуства, зајакнување на соработката со другите национални малцинства во Европа и дополнителна афирмација на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција. Со голема гордост го претставуваме македонското национално малцинство на европско ниво“, изјави Ѓурѓај.

Резолуцијата во најкраток рок ќе биде официјално доставена до сите релевантни албански државни органи, како и до клучните меѓународни и европски институции за заштита на човековите и малцинските права.