Судот во Хаг денеска соопшти дека ќе отвои постапка за надомест на штета на оштетените во предметот против поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, кои беа осудени на повеќегодишни затворски казни за воени злосторства.
Судскиот совет II одлучи да спроведе постапка за репарации, наместо жртвите да ги упати на парнична постапка во Косово, под услов одбраната да не поднесе приговор, се наведува во соопштението на Специјализираните совети.
Советот му наложи на застапникот на жртвите да го поднесе барањето за репарации до 14 октомври, додека обвинителството и одбраната треба да ги достават своите одговори до 4 ноември.
Во образложението се наведува дека застапникот на жртвите посочил оти оштетените, доколку бидат упатени пред граѓанските судови во Косово, би можеле да се соочат со правни и практични тешкотии.
„Земајќи ги предвид овие околности и контекстот на заплашување на сведоците во кој се одвиваа овие постапки, Советот не смета дека граѓанските судови во Косово обезбедуваат ефикасен и реален пат за жртвите во овој случај да побараат правен лек за кривичните дела за кои обвинетите се прогласени за виновни“, се наведува во одлуката.
Дополнително, Советот заклучил дека во Косово и натаму постои клима на страв и заплашување на сведоците и нивните семејства, како и на лицата кои давале информации за злосторствата извршени од припадници на ОВК.
Хашим Тачи и Јакуп Красниќи првостепено беа осудени на единствени затворски казни од по 25 години, Кадри Весели на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор за воени злосторства извршени на територијата на Косово и Албанија.
Пред Специјализираните совети против Тачи се води и одвоена постапка за попречување на правдата и обид за влијание врз сведоци, во која е обвинет заедно со уште четворица поранешни припадници на ОВК.
Обвинителството во таа постапка побара Тачи да биде осуден на шест години затвор.












