„Федра – Антропологија на една желба“: Дино Мустафиќ ги судира Расин и Сара Кејн во една театарска вечер

Макфакс

17/09/2026

15:01

214

Големина на фонт

а а а

Драмски театар Скопје премиерно ќе ја изведе претставата „Федра – Антропологија на една желба“ во режија на Дино Мустафиќ, која ги соочува класичната „Федра“ на Жан Расин и современата драма „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн, истражувајќи ја комплексната природа на човековата желба и судирот меѓу индивидуалните стремежи и општествените норми.

Драмски театар Скопје на 19 септември, со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе го изведе диптихот „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ, театарски проект што во една вечер ги соочува „Федра“ на Жан Расин и „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн.

Две драми што ги делат векови, јазик и поетика се среќаваат околу истата човечка пукнатина: моментот кога желбата станува посилна од разумот и човекот повеќе не може да се скрие од она што навистина го посакува.

На прес-конференцијата по повод премиерата, режисерот, актерската и креативната екипа го претставија процесот во кој двете дела не се поставени како едноставна спротивставеност меѓу класиката и современоста. Мустафиќ ги чита како разговор и судир на две времиња: Расиновиот свет на ред, закони, чест и вина и светот на Сара Кејн, во кој тие цивилизациски конструкции веќе се распаѓаат, оставајќи ги телото, осаменоста и потребата да се биде покрај друг.

„Што останува од човекот кога желбата ќе стане посилна од него самиот?“ е прашањето од кое Мустафиќ тргнува во своето читање на Федра. Него не го интересира реконструкција на еден далечен митски свет, туку непосредното соочување на трагедијата со современиот човек. Во неговата режисерска концепција желбата е сила што може да биде извор на слобода, но и почеток на падот; сила што може да нè доближи до другиот, но и целосно да нè изолира. „Не поради митот. Не поради забраната. Туку поради човекот кој, соочен со сопствената желба, не знае веќе каде завршува слободата, а каде почнува амбисот“, пишува Мустафиќ во режисерската белешка.

Во центарот на целиот диптих е првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра и кај Расин и кај Кејн, градејќи две радикално различни сценски лица на една иста жена.

За Жугиќ, Федра повеќе не е митска фигура, туку современа жена, истовремено грешник и жртва. Кај Расин нејзината љубов е затворена во систем на вина, чест и самопрезир; кај Кејн таа стигнува до фиксација, телесност и брутално уништување.

Она што ги спојува двете интерпретации, според Жугиќ, е судирот меѓу интимната потреба и општеството кое не знае што да прави со неа.

„Во двата текста самоубиството на Федра е нејзиниот последен обид да ја преземе контролата врз сопствениот наратив. Смртта станува чин на отворено противење поради неможноста нејзината љубов да биде прифатена и инкорпорирана во општеството. Крајно возбудливо беше да се работи еден ист лик во два комплетно различни текста со две различни идеи, кои се преклопуваат само во една точка: во општество кое се плаши од емоција, ликот на Федра станува субверзивен и политички некоректен“, вели Жугиќ.

Нејзиното читање на ликот го сумира во три едноставни реченици: „Федра има право на живот. Има право на желба. Има право на љубов.“

Во Расиновата „Федра“

, драматуршкото читање на Александра Бошковска ја поместува хероината од просторот на митската фаталност кон интимната и општествената стварност. Тука нема богови што ќе ја преземат одговорноста за човечките постапки, туку луѓе соочени со сопствените желби, потреби и страсти.

Федра е жена осамена и отуѓена, растргната меѓу личната потреба и моралниот систем што бара разумот постојано да ја потиснува душата. Сценски, вежбалната станува арена на трагедијата, а бесконечните рефлексии во огледалата простор во кој ништо не може да остане скриено.

Во оваа претстава Тезеј го толкува првенецот на Драмски театар Скопје, Дејан Лилиќ. Неговиот Тезеј е човек заслепен од моќта, статусот и привидот на сопствената правичност, кој предоцна ја согледува празнината што ја создава отсуството на емпатија и љубов.

„Слепилото од сјајот на материјалното не ти дозволува да погледнеш подлабоко во суштината и содржината“, вели Лилиќ, а своето читање на ликот го доведува до една од наједноставните и најсурови констатации: „А ако љубов немаш, ништо не си.“

Во улогата на Хиполит во Расиновата „Федра“ настапува Леонардо Лазов, за кого токму забранетото е една од причините поради кои текстот останува жив и три и пол века по неговото создавање.

„Го истражувавме концептот на забранетото – копнеењето по нешто што не смееме да го имаме. Тоа е многу човечка особина, и токму начинот на кој секој од нас се справува со ‘забранетото’ ја прави драмата толку безвременска“, вели Лазов, за кого ова е прва претстава во Драмски театар Скопје.

Наспроти Расиновиот свет на дисциплина, морал и вина, „Љубовта на Федра“

на Сара Кејн навлегува во простор во кој цивилизациската фасада е веќе распукана.

Напишана во 1996 година и определена од самата Кејн како „моја комедија“, драмата е радикално современо препрочитување на митот, црна комедија и суров уметнички коментар за деструктивната опседнатост, семејното распаѓање, нихилизмот, отуѓеноста и општествената корупција.

Во нејзиниот центар се судираат Хиполит, принц кој речиси ништо не чувствува, и Федра, жена која чувствува премногу.

Драматургот Викторија Рангелова-Петровска ја чита Кејн како авторка која преку грдото постојано нè насочува кон прашањето за убавото и човечкото: што се случува со човечноста, каде исчезнува добрината, зошто има толку тага и дали воопшто знаеме што е љубовта.

Тезеј во „Љубовта на Федра“ го толкува Александар Степанулески, кој своето прво актерско соочување со Сара Кејн го опишува како процес истовремено точен, прецизен и жесток, каков што е и самиот текст. Својот Тезеј го препознава како мошне современа фигура.

„Тезеј е прототип на ‘влијателник’ кој може да се сретне не само кај нас, туку низ целиот Балкан, така што од тој аспект инспирација воопшто не ми недостасуваше“, вели Степанулески.

Лазар Христов, кој го толкува Хиполит кај Кејн, го гледа ликот како современ бунтовник чие најрадикално оружје е одбивањето да учествува во светот што го опкружува.

„Хиполит е совршениот пример за ‘храбар борец’ на денешницата. Сѐ околу него е толку суштински труло што нема друг начин за бунт освен да не учествува во светот околу него“, вели Христов.

За процесот со Мустафиќ зборува како за можност да учи од режисер со големо животно и театарско искуство, а партнерството со Жугиќ го опишува со особена доверба: за него таа е „најцврстиот столб на претставата“ врз чија актерска сигурност може слободно да ја гради сопствената улога.

Токму актерот, според Мустафиќ, е местото каде што режисерската визија конечно добива живот. Во работата на диптихот тој ја нагласува подготвеноста на ансамблот да се изложи, да ризикува и да влезе во непознатото, а за Жугиќ зборува како за актерка која „на театарот му се предава без остаток“, соединувајќи ранливост и сила, дисциплина и внатрешен оган. Таквата актерска присутност, според режисерот, е онаа поради која театарот повторно станува настан.

Покрај Јелена Жугиќ, Дејан Лилиќ, Александар Степанулески, Лазар Христов и Леонардо Лазов, во диптихот настапуваат и: Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

Креативната екипа ја сочинуваат: Дино Мустафиќ – режисер, Димче Николовски – асистент на режисерот, Драгутин Броз – сценограф, Антонија Гугинска-Јорданоска – костимограф, Влатко Стефановски – автор на музиката и Филип Петковски – сценски движења. Драматурзи се Александра Бошковска за „Федра“ и Викторија Рангелова-Петровска за „Љубовта на Федра“, а фотограф е Драган Гајиќ.

Претпремиерата на „Федра – Антропологија на една желба“ е на 18 септември во 20:00 часот, а премиерата на 19 септември во 20:00 часот, во Драмски театар Скопје.

Претставата е наменета за публика над 18 години.