Концерт на Македонска филхармонија во рамките на фестивалот Денови на македонската музика

Макфакс

14/09/2026

10:00

107

Големина на фонт

а а а

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Денови на македонската музика“, со диригент Иван Еминовиќ и солистката Сара Јанева, истакнат мецосопран, која веќе има значајно учество на интернационалната оперска сцена.

Концерт на Македонската филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе одржи концерт во рамки на фестивалот „Денови на македонската музика“. На програмата се „Циклус песни“ од Стојан Стојков (2004), „Темпера 3“ од Тома Прошев (1968), увертира „Храдебни“ (1997) од Горан Начевски и Концерт за симфониски оркестар „Ремикс“ (2012) од Гоце Гавриловски. Диригент е Иван Еминовиќ, а како солистка ќе настапи мецосопранистката Сара Јанева.

Солистката Сара Јанева

Сара Јанева е лирски мецосопран чиј уметнички пат се развива на интернационалната оперска и концертна сцена. Додипломските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2022 година, во класата на проф. Весна Ѓиновска-Илкова. По дипломирањето во Скопје, таа е дел од Летната оперска академија на маестро Џорџ Пехливанијан во Блед, Словенија. Во 2024 година станува членка на Швајцарското оперско студио и ги добива своите први професионални солистички улоги во Театарот Бил-Солотурн во Швајцарија. Во 2025 година дебитира во последните две опери на В. А. Моцарт, во улогата на Анио во операта „Помилувањето на Тито“ и во улогата на Втората дама во операта „Волшебната флејта“. Последната сезона во оперското студио ја завршува со улогата на Лизета во операта „Фраскатана“ од Џ. Паизиело. Покрај оперските претстави, во истиот период настапува и на концертните изведби на „Стабат матер“ од Џ. Б. Перголези и „Стабат матер“ од А. Дворжак. Во февруари и јули годинава одржува два солистички концерти — во просториите на Факултетот за уметности во Берн и во црквата „Св. Софија“ во Охрид — со програма посветена на македонското музичко творештво и македонските композитори. Во август годинава настапи како солистка на концертот „Италијанска вечер“, во рамките на фестивалот „Алегро виво“ во Хорн, Австрија, со дела од К. Монтеверди, Џ. Росини и В. Белини. Од големо значење за нејзиниот развој придонела работата со истакнати оперски имиња, како Милка Ефтимова, Ана Дурловски, Малин Хартелиус (нејзина менторка во оперското студио) и познатиот мецосопран Веселина Касарова.

Диригентот Иван Еминовиќ

Роден во Скопје, Иван Еминовиќ, музика започнува да изучува на 6-годишна возраст, посетувајќи најпрвин на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал повеќе број концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осијек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отварање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ – Моцарт, како и многубројни концерти.