Mакедонската премиера на „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски на 17. „МакеДокс“

Точка

24/08/2026

21:58

90

Големина на фонт

а а а

Македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски се одржа на 23 август во Куршумли ан, во рамките на програмата на 17. „МакеДокс“. Филмот беше прикажан надвор од главната компетиција, но учествува за Награда за најдобри етички идеи на „МакеДокс“.

По катастрофалниот пожар во ноќен клуб во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, овој филм сведочи за тагата што останува и за силата да се продолжи понатаму. Преку гласовите на преживеаните, семејствата и луѓето што несебично помогнале, Манчевски создава интимна рефлексија за загубата, сеќавањето и надежта. Без сензационализам, филмот им дава достоинство на личните сведоштва, претворајќи ги во универзална приказна за солидарноста, човечноста и истрајноста пред една незамислива трагедија.

Филмот е снимен во продукција на „Банана филм“ со приватни средства на Милчо Манчевски, снимател е Иван Ивановски, монтажата е на Мишко Чунухин, а музиката на Игор Василев Новоградска. На проекцијата во Куршумли ан присуствуваше режисерот Милчо Манчевски заедно со дел од екипата на филмот.


Проекцијата помина во атмосфера што беше наметната од содржината на филмот. По проекцијата се одржа сесија на прашања и одговори, која ја модерираше Петра Селишкар од „МакеДокс“, а одговараше Милчо Манчевски. На почетокот од сесијата, на барање на публиката како еден вид катарза, беше оддадена почит со минута молчење за жртвите на трагедијата во Кочани. Разговорот почна со прашање за идејата за снимање на филмот.

- Сакав да се забележат чувството, размислувањата и случувањата на луѓето што директно се соочиле со оваа трагедија. Намерата на филмот беше да им дадеме платформа, а ние филмаџиите да се повлечеме во втор план, затоа што забележав дека кај нас последниве децении многу робусни работи се случуваат, за нив сите зборуваат, а најретко зборуваат тие на кои директно им се случиле. Се разбира, ние имавме голем ангажман во сортирањето, во организирањето и во плетењето на големата слика од сите тие индивидуални приказни. Идејата остана ова да биде еден аскетски, еден минималистички филм кој ќе биде документарен филм, но ќе биде и документ и ќе биде платформа за луѓето кои поминаа низ овој пекол. Филмот почнавме да го снимаме само еден месец после трагедијата. Имам пријател, кој е психијатар, кој вели дека во тоа време нема ни ПТСД (посттрауматско нарушување), туку има само шок. Довербата што луѓето од Кочани ја имаа во нас ме чини да се чувствувам почестено и огромна е почитта што ја имам кон луѓето од Кочани затоа што ми веруваа. Мислам дека тие видоа дека ние не сакаме ниту да правиме сензација, ниту да тераме политика, туку сакавме да им дадеме можност да ја искажат својата приказна и својата болка – рече Милчо Манчевски.

Во однос на своите емоции во текот на правењето на филмот Манчевски рече дека не било лесно и сите што работеле на филмот во тој период имале свои кошмари. Кон работата пристапиле најпрофесионално, бидејќи тоа била работа што сакаат и која треба да ја завршат најдобро што можат и што знаат.


За првиот импулс дека треба да се сними филм со оваа тематика Манчевски помислил веднаш штом слушнал за трагедијата.

- Јас не сум документарист. Имам снимено половина филм во минатото, кој е дел од „Мајки“. Имам работено документарни филмови и во Њујорк, но долго време тоа не го правам. Јас имам голема сомнеж кон документаристичкиот жанр. Мислам дека честопати сакајќи или не сакајќи во помала или во поголема мерка вистината е манипулирана во правењето документарни филмови. Исто така, имам видено филмови каде што недостигот на талент се крие зад многу важна приказна. Меѓутоа, сметав дека ова е многу важен настан и дека тоа што луѓето од Кочани имаат да го кажат и тоа што го почувствувале мора да биде запишано во еден ваков формат, затоа направив документарец. Многу ми е драго што филмот наидува на разбирање, иако беше прикажан само во Сараево и веќе има неколку рецензии. Луѓето го разбираат филмот, го разбираат минимализмот на филмот, го разбираат чувството, дури и таа трошка надеж на крајот од филмот – рече Манчевски.

На прашање од публиката дали филмот може да има позитивно или негативно влијание врз судскиот процес кој е во тек, Манчевски кратко одговори: „Јас сум режисер, не сум судија“, што беше пречекано со аплауз од публиката.


Во однос на целината на снимениот материјал и селекцијата што влегла во финалната верзија на филмот, Манчевски објасни дека идејата била да им се даде платформа на луѓето за да се дознае што се случило.

- Покрај тоа сакав да знам како се чувствувале и што размислувале. Покрај самиот настан мислев дека имаме можност да зборуваме со луѓе кои поминале низ нешто што малкумина го гледаат, а тоа е да ѝ се гледа на смртта в очи. И потоа да можеш да зборуваш за тоа. Тоа беше основната рамка. Вајањето на филмот во неговата финална верзија се случи со месеци и месеци во монтажата. Меѓутоа, основната идеја беше да се направи токму ваков филм. Многу е лесно визуелно да се збогати еден филм – да се оди во Кочани, да се сними градот, да се снимат учесниците во нивните секојдневни ситуации, да се употреби архивски материјал, но мислев дека е многу поважно и многу подобро како гледачи да бидеме соочени со нив, лице в лице, да ги видиме лицата, да ги чуеме гласовите и да нема каде да бегаме – рече Манчевски.

Во текот на разговорот со публиката на „МакеДокс“, Манчевски упати благодарност до „Support Kocani“, кои многу помогнале во снимањето во однос на комуникацијата со соговорниците кои учествуваат во филмот.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.


Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ може да се најде на официјалниот сајт: https://makedox.mk/mk/program/

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ - Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Шпанија, Италијанска амбасада, Слoвенечкиот филмски центар, Халк Банка, Скопско смут, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, Едукативен културен центар „Лабораториум“, Албански театар - Скопје, Хотел „Мериот“, кафе и филм „Котур“ и такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 17. „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ - Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк, Медуза, Екран.мк и Паноптикум.мк.