Киев не може да има предност во однос на Западен Балкан: Мaѓар против забрзано членство на Украина во ЕУ

Макфакс

29/07/2026

18:45

218

Големина на фонт

а а а

Новата унгарска влада на премиерот Петер Маѓар не го поддржува забрзаниот влез на Украина во Европската Унија, нагласувајќи дека Киев не треба да има предност во однос на земјите од Западен Балкан кои долготрајно ги исполнуваат условите за членство.

Иако по заминувањето на Виктор Орбан од власт се очекуваше Унгарија да го деблокира европскиот пат на Украина, новата влада на премиерот Петер Маѓар вели дека Киев не може да има преференцијален третман во споредба со земјите од Западен Балкан, кои со години чекаат членство во Европската унија.

Како што пишува „Фајненшл тајмс“, Будимпешта се спротивставува на забрзаниот прием на Украина во ЕУ и верува дека давањето приоритет на Киев би било неправедно кон земјите од регионот кои долго време спроведуваат реформи и ги исполнуваат условите за пристапување.

Доаѓањето на Петер Маѓар на власт напролет ги разбуди надежите во Брисел и Киев дека пречката што ја претставува ветото на Орбан ќе биде отстранета. Во јуни беше отворен првиот преговарачки кластер со Украина, кој се однесува на основните права, а на почетокот на јули беше отворен кластер посветен на надворешната и безбедносната политика.

Сепак, според „Фајненшл тајмс“, минатата недела Унгарија го блокираше отворањето на вториот и третиот преговарачки кластер, кои вклучуваат единствен пазар, економска и социјална политика.

Овој потег покажува дека новата унгарска влада не го променила целосно својот претходен пристап кон Украина.

„Неправда кон Западен Балкан“

Унгарската влада вели дека е против каква било „брза патека“ за Украина.

Портпаролот на владата истакна дека Киев не треба да добие поповолен третман од земјите од Западен Балкан, кои со години, па дури и децении, минуваат низ реформи за да ги исполнат критериумите за членство во Европската Унија.

Од почетокот на својот мандат, премиерот Петер Маѓар го застапува ставот дека процесот на европска интеграција мора да се базира на истите правила за сите земји-кандидатки. И покрај очекувањата, неговата најавена официјална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не се одржала, пренесува медиумот.