[ВИДЕО] Борба за живот со среќен крај: Исчезнат едриличар поминал 35 дена пловејќи сам по Тихиот Океан

Точка

27/07/2026

19:05

408

Големина на фонт

а а а

Едриличар од Калифорнија, кој исчезнал пред повеќе од еден месец при обид самостојно да го преплови Тихиот Океан, бил пронајден жив и здрав во водите во близина на Хаваите.

Каи Сато (39) испловил од островот Санта Каталина на 7 јуни, но неговите амбициозни планови тргнале наопаку кога јарболот на неговата едрилица се скршил само две недели подоцна, пренесе „Hawaii News Now“.

„Плачев цела недела. Само пловев кон југ, целосно очаен“, изјавил Сато. „Сакав само да се обидам да го запалам моторот за да се задушам, да извршам самоубиство“, додал тој.

Кога се обидел да се врати до брегот користејќи го моторот, останал без гориво, поради што останал заглавен на отворено море.

„Буквално бев лесна мета, струјата само ме носеше кон југ и сè подалеку од планираната рута“, раскажал авантуристот.

Меѓутоа, решил да продолжи да се бори за својот живот и по пет дена размислување смислил како повторно да ја оспособи едрилицата, користејќи ПВЦ цевки и весла за кајак.

Му бил потребен речиси еден месец за повторно да стигне до поморскиот коридор меѓу Калифорнија и Хаваите, но патувањето било далеку од безбедно. На 11 јули останал и без вода.


Тогаш почнал да полни кофи со морска вода и да ги покрива со пластични кеси за да собира кондензирана вода.

„Само тоа го лижев за да преживеам“, изјавил Сато. Додал дека најчесто се хранел со овесна каша, како и со риби и лигњи кои завршувале во неговата едрилица.


Сато раскажал дека гласно барал насоки, медитирал и разговарал со морето и ветерот. Исто така, го чувствувал присуството на својот вујко, со кого како дете пловел од Калифорнија до Хаваите.

Потоа, во вторникот, на хоризонтот се појавил товарен брод на компанијата „Pasha Hawaii“.


По два обида, екипажот на бродот му спуштил јаже со скали, по кое Сато се искачил на бродот. Членовите на екипажот му обезбедиле кабина, облека и многу храна.

„О, Боже, да, бев пресреќен. Плачев од среќа, а потоа ми донесоа овошје и вода. Тие момци навистина беа прекрасни кон мене“, истакнал Сато.

Сега престојува кај роднини и веќе го планира своето следно патување по море – овој пат кон Филипините, но со поголем брод.