Мицкоски: Следува набавка на нова комунална опрема и електрични автобуси

Макфакс

26/07/2026

14:00

301

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција најави дека Скопје ќе добие нова комунална опрема и електрични автобуси до крајот на годината, истакнувајќи напредок во реализацијата на повеќе проекти и посветена работа на Владата кон поддршка на општините.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција изјави дека Владата ќе продолжи со поддршка на развојните проекти во Скопје, најавувајќи дека до крајот на годината главниот град ќе добие нова комунална опрема и електрични автобуси.

Тој го пофали градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, оценувајќи дека за неколку месеци се постигнати значајни резултати во реализацијата на проекти кои претходно биле во застој.

„За овие неколку месеци откако Орце е градоначалник се гледа огромен напредок. До Нова година очекуваме да бидат завршени не само овој проект, туку уште два, па и три други проекти“, рече Мицкоски.


Премиерот најави дека Град Скопје до крајот на годината ќе добие камиони, цистерни и метларки за подобрување на јавната хигиена. Според него, тендерската постапка е завршена, а остануваат само формалностите околу увозот и царинските процедури.

Тој посочи дека кон крајот на август се очекува да биде промовирана новата комунална опрема, која, покрај Скопје, ќе ја добијат и неколку поголеми општини во државата.

Мицкоски информираше и дека е во тек постапката по жалбите за набавка на електрични автобуси, по чие завршување ќе следува нивна испорака за Скопје и за други општини.

„Не можеме преку ноќ да го поправиме сето она што со децении било уништувано, но со посветена работа гледате дека и работите што изгледаа невозможни стануваат реалност“, изјави Мицкоски.

Тој порача дека Владата ќе продолжи да ги поддржува општините и изрази уверување дека проектите во Скопје ќе продолжат да се реализираат со засилено темпо.