[ФОТО] Автомобил влета во толпа на Парадата на гордоста во Берлин: Едно жена загина, 16 лица се повредени

A1ON.MK

26/07/2026

09:17

558

Големина на фонт

а а а

Една жена загина, а 16 лица се повредени, од кои некои се во критична состојба, откако напаѓач со автомобил влета во толпа луѓе за време на Парадата на гордоста во Берлин. Полицијата соопшти дека го идентификувала осомничениот, кој ѝ е познат на полицијата и се поврзува со исламистичката сцена во германската престолнина.

Според првичните информации, бел автомобил удрил во повеќе лица во берлинскиот парк Тиргартен, по што се забил во дрво. Возачот потоа го напуштил возилото и побегнал во непознат правец.

Полицијата го идентификувала осомничениот за нападот и соопшти дека против него се преземаат интензивни мерки, но тој сè уште не е уапсен.


„Го идентификувавме осомничениот сторител. Преземаме мерки за негово пронаоѓање. Тој ѝ е познат на полицијата како припадник на исламистичката сцена во Берлин“, изјави полициски портпарол на местото на настанот.

Полицијата трага по 21-годишниот Абдул Б. Тој е опишан како слаб маж, висок околу 190 сантиметри, со црна коса, облечен во црна дуксерка со качулка и бели панталони. Властите предупредуваат дека може да биде вооружен и опасен.


Во меѓувреме, полицијата истражува дали нападот се состоел од повеќе фази, односно дали по излегувањето од автомобилот напаѓачот нападнал луѓе и со остар предмет.

„Сведоци ни кажаа дека на местото има лица со убодни рани. Тоа е дел од истрагата што моментално ја спроведуваме“, изјави портпаролот Флоријан Нат.

Според германските медиуми, во нападот загинала една жена.



Портпаролот на берлинската противпожарна служба, Доминик Прец, изјави дека тројца од 16-те повредени се во животна опасност, осум лица се здобиле со тешки повреди, а петмина со полесни.

На местото на трагедијата биле распоредени најмалку десет возила на Итната медицинска помош, додека полицијата го обезбедувала поширокото подрачје на паркот.

По инцидентот беше откажана завршната програма на берлинската Парада на гордоста, вклучително и концертите, а организаторите ги повикаа учесниците да се разотидат.


„Ве молиме, одете си дома“, објавија организаторите на манифестацијата Christopher Street Day (CSD) на Instagram.

Според полицијата, на овогодишната Парада на гордоста во Берлин присуствувале најмалку неколку стотици илјади луѓе.

Christopher Street Day се одбележува во спомен на немирите од 1969 година на улицата Кристофер во Њујорк, кои се сметаат за почеток на современото ЛГБТК+ движење за човекови права.


Градоначалникот на Берлин, Кај Вегнер, го опиша нападот како „напад врз нашето слободно и отворено општество“.

„По мирниот и шаренолик CSD, овој собир за толерантен и мирен Берлин беше нападнат на најбрутален начин“, порача Вегнер.

Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, понуди поддршка од федералните власти за берлинските институции.

Во соопштение од германската влада се наведува дека канцеларот Фридрих Мерц и министерот за внатрешни работи ќе направат сè за целосно да се расветли овој напад и сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.