Нов пожар во близина на Атина: Испратено предупредување до граѓаните, има повредени

Макфакс

09/07/2026

17:30

175

Големина на фонт

а а а

Во близина на Атина избувна нов пожар во областа Аспропиргос, при што повеќе лица се повредени, а надлежните служби се ангажирани на гаснењето и истрагата за причините за пожарот. Граѓаните се предупредени да не се приближуваат поради токсични супстанции и присуство на резервоар за пропан.

Нов пожар избувна напладне во областа Аспропиргос во близина на Атина, јавуваат грчките медиуми. 38 пожарникари со 14 возила беа мобилизирани за гаснење на пожарот, објавува „Катимерини“.

Пожарот е релативно блиску до местото каде што претходно избувна голем пожар, според грчкиот портал.

Во голем пожар што избувна порано денес во деловна зграда во Аспропиргос во близина на Атина, повредени се 11 лица, од кои тројца се тешко повредени и се интубирани, објавија грчките власти.

Според противпожарната служба, пожарот избувнал утрово околу 8 часот во фабриката за резервни делови, објавува „Прототема“.

Шест лица се пренесени во болницата Триазио, а две од нив се интубирани и се во тешка состојба, тројца се во полесна состојба и можно е да бидат отпуштени во текот на денот, а едно лице веќе ја напуштило болницата.

Останатите пет лица се префрлени во болницата во Атика, од кои едно е интубирано во тешка состојба и се очекува да биде префрлено на Одделот за изгореници, а четири лица сами дошле во болницата со респираторни проблеми.

Според извештаите, пожарот избувнал под непознати околности во фабриката за резервни делови и во неговото гаснење се вклучени 75 пожарникари, 20 возила и хеликоптери, а граѓаните се предупредени да не се приближуваат до местото поради токсични супстанции.

Како што објави Противпожарната служба, според информациите, во просториите на компанијата има камион со резервоар за пропан, што предизвикува загриженост.

Екипата што ја истражува причината за пожарот во Западна Атика е испратена на местото на настанот за да утврди како избувнал пожарот.