[ВИДЕО] МВР ќе поднесе кривични пријави за две малолетнички по насилството врз девојче во Аеродром

Макфакс

02/07/2026

11:45

1.261

Големина на фонт

а а а

Полицијата и МВР ќе поднесат кривични пријави против две малолетнички кои се осомничени за физички напад и малтретирање на 12-годишно девојче во општина Аеродром. Случајот е во тек на истрага и вклучува повеќе инволвирани лица.

Полицијата ќе поднесе кривични пријави против две малолетнички по насилството врз девојче во Аеродром. Откако во јавноста беше објавено видео од насилство врз девојче, во полициска станица извршен е разговор со две малолетнички и нивните родители, соопшти МВР.

Вчера, 1 јули, во 19:30 часот во СВР Скопје 31-годишна жена пријавила дека претходниот ден, на 30 јуни околу 22:00 часот во парк на подрачјето на општина Аеродром нејзината 12-годишна ќерка била физички нападната од 14-годишна малолетничка која била заедно со нејзина другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува.


Потоа откако тргнала да си оди била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала.

Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители.

Од МВР велат дека за случајот е известен јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Во врска со настанот се преземаат активности за утврдување на идентитетот и на други инволвирани малолетни лица за целосно расчистување на случајот по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „насилство“ и „запуштање и малтретирање на малолетно лице“.