Американскиот рапер Канје Вест синоќа одржа концерт на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул пред повеќе од 118.000 посетители, пренесоа организаторите и локалните медиуми. Со тоа, како што тврдат, бил поставен нов рекорд на посетеност за стадионски концерт.
Спектакуларна продукција
Концертот, кој започнал во 21 часот по локално време, предизвикал огромен интерес уште пред самиот почеток, а кулминирал со собирање на една од најголемите публики што стадионот некогаш ја видел.
Раперот се појавил на специјално изградена сцена во форма на планетата Земја, а почетокот на настапот бил одбележан со синхронизирани светлосни ефекти што ја осветлиле целата арена. Снимките од концертот брзо се проширија на социјалните мрежи и привлекоа големо внимание.

Настанот прераснал во целовечерен спектакл кој вклучувал настапи на диџеи, ласерски и светлосни шоуа, како и собири пред и по концертот. Програмата дополнително била збогатена со настапи на турски изведувачи, а се приклучил и раперот Тревис Скот, претворајќи го концертот во своевиден фестивал што траел до доцна во ноќта.
Сообраќаен колапс и логистички предизвици
Концертот привлекол обожаватели од цела Турција, но и бројни посетители од странство, меѓу кои од Русија, Казахстан, Обединетото Кралство, Германија, САД и Полска. Поради огромниот број посетители, во одредени делови на Истанбул настанале сообраќајни метежи додека обожавателите се движеле кон стадионот.

За да се олесни влезот и што подобро да се управува со очекуваниот прилив на луѓе, организаторите ги отвориле вратите на стадионот уште во 15 часот.
Како што се приближувал почетокот на концертот, илјадници луѓе ги исполниле градските метро-станици, а најголемото оптоварување било забележано на линијата М9 Атакој – Олимпијат, каде што пероните и ходниците биле преполни со патници.













