Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари средба со амбасадорот на Австрија со цел продлабочување на партнерството во реформите и зајакнување на институционалната соработка во јавниот сектор.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер. Средбата се одржа во духот на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави, со фокус на унапредување на институционалната соработка и поддршка на реформските процеси.
Во центарот на разговорите беа реформите во јавната администрација, со посебен акцент на управувањето со квалитет во јавниот сектор и зајакнувањето на административните капацитети. Соговорниците ги истакнаа постигнатите резултати во имплементацијата на Заедничката рамка за оценување (CAF) и важноста од нејзина натамошна системска примена како алатка за подобри институционални перформанси и поголема отчетност.
Посебно беше нагласена досегашната успешна соработка со Австрија преку Австриската агенција за развој и KDZ – Центарот за истражување во јавната администрација, вклучително, како и студиската посета на институции во Виена од страна на претставници од Министерството во рамки на TAIEX програмата. Овие активности беа оценети како значаен придонес кон размена на знаења и приближување кон европските практики во управувањето со јавниот сектор.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за натамошно продлабочување на соработката, особено преку развивање на поинтегрирана и долгорочна рамка за поддршка на реформите. Двете страни се согласија дека следната фаза на трансформација на јавната администрација бара системски пристап, силна институционална координација и континуирана меѓународна поддршка.







