Средбата меѓу претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, и потпретседателот на Собранието на Црна Гора, Никола Цамај, потврди традиционално пријателство и продолжување на конструктивната соработка и поддршка во евроинтегративниот процес.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши и потпретседателот на Собранието на Црна Гора, Никола Цамај
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска имаше средба со потпретседателот на Собранието на Црна Гора, Никола Цамај, на којa беше нагласено традиционалното пријателство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка меѓу двете земји.
Тој ѝ посака на Црна Гора успешно завршување на процесот за полноправно членство во ЕУ и истакна дека за жал, нашиот пат кон ЕУ е попречен од билатерален спор со соседна Република Бугарија, но нагласи дека како држава продолжуваме интензивно да работиме на реформскиот процес, кој е важен за нашиот напредок. Во таа насока, истакна претседателот Гаши, но и во делот на евроинтеграцискиот пат искуството на Црна Гора за нас е многу значајно.
Потпретседателот Цамај нагласи дека Црна Гора е посветена на целта за две години, односно во 2028 година да стане полноправна членка на Европската Унија. Тој информираше дека досега, во процесот на преговори со ЕУ, затвориле 14 поглавја, отворени сѐ уште 19, но на нивниот евроинтеграциски пат очекуваат поддршка од сите земји членки на ЕУ.
Двајцата соговорници истакнаа дека во двата парламенти се формирани групи за соработка и ја нагласија важноста овие групи да ја интензивираат соработката, особено во делот на размена на искуства во евроинтегративниот процес.







