Лефков: Тандемот Коларевиќ и Абази се коалиција во обвинителството како што се СДС и ДУИ во политиката

Макфакс

18/05/2026

12:00

133

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Миле Лефков обвинува дека тендентниот тандем Коларевиќ и Абази претставува коалиција во обвинителството слична на онаа помеѓу СДС и ДУИ во политиката, поврзана со корупција и криминал поврзан со аферата „Мазут“. Лефков бара истрага и оставка за Абази.

Тандемот Коларевиќ и Абази се коалиција во обвинителството, како што се СДС и ДУИ во политиката, обвини Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Катерина Коларевиќ, моминско Маркова, ќерка на Павле Марков, државен правобранител избран од владата на СДС во 1998 година, и на Вера Маркова, уставен судија во 2004 година, избрана од коалицијата СДС и ДУИ. Фамилијарни кариери во обвинителството на услуга на СДС. За Абази и да не говориме, човек кој дојде на местото на Русковска во ОЈО ГОКК, комшија на Ахмети од Зајас, кој функционира на начин како што Али ќе му каже. Коларевиќ и Абази, застанаа цврсто во одбрана на криминалот на функционерите на СДС и ДУИ наречен “Мазут” вреден 167 милиони евра, и ги амнестираа Васко Ковачевски, Асмир Јахоски, Адријан Муча, Ратко Капушевски и Ерџан Сулковски без да ги спроведат во судница. Коларевиќ и Абази не ги гледаа доказите на медиумите за труењето со мазутот во ТЕЦ Неготино, ниту пак извештаите од ДЗР во кои јасно се вели дека имало голем број на нечистотии во мазутот, не ги интересираа релевантни лица од ЕСМ да ги повикаат на разговор туку повикале лица кои ќе им дадат искази какви што тие бараат, едноставно речено, при очи се правеле слепи“, рече Лефков.

Тој праша дали зад запирањето на постапката стои корупција, односно подмитување на обвинителите и зошто Советот на јавни обвинители на Башким Бесими молчи и не бара и тој одговори за стопирањето на постапката?

„На ваков начин функционираше коалицијата СДС и ДУИ додека беше на власт, а како што гледаме и натаму продолжува таа коалиција и во правосудните органи. Бараме веднаш истрага за овој случај од повисоките инстанци, а оставка на Абази е повеќе од потребна. Правда и одговорност мора да има“, рече Лефков.