Оливер Кан беше стручен коментатор на „Скај“ за време на реванш полуфиналето меѓу Баерн Минхен и ПСЖ, па тој од самиот терен на „Алијанц арена“ имаше можност да даде свое мислење за сето она што се случи во пресметката на двата европски великани.
Баерн Минхен остана покус во намерата да стигне до ново финале во Лигата на шампиони и покрај иницијативата која ја имаше цел меч, но според Кан, само еден човек треба да се обвинува за фактот што Баварците нема да играат финале.
Кан го впери прстот кон главниот судија Жоао Пинеиро, посочувајќи дека направил три грешки на штета на Баерн, од кои две биле кардинални.
– Во фудбалот сум со децении, најпрво како играч и капитен, а потоа и како фудбалски работник. Никогаш во животот не сум видел вакво нешто, никогаш не сум видел еден судија да игнорира три јасни ситуации на еден натпревар во Лигата на шампиони. Ова не беше фудбалски меч, ова беше вечерен грабеж во Минхен и тоа го знае секој фан на Баерн, – изјави Кан.
Според легендарниот голман, Пинеиро погрешил што не му даде црвен картон на Мендеш поради намерно играње со рака, уште понесфатлив за него е недосудениот пенал поради играње со рака од Невеш, а смета дека неправеден жолт картон добил и Луис Диаз за протести, откако претходно судијата не му досудил чист фаул.
– Не може никој да ми каже дека овие одлуки не влијаеа врз мечот, особено првите две. Тоа се моменти кои го менуваат натпреварот. Црвениот картон менува цел меч, пеналот менува се. Наместо да дојде до тоа, двете ситуации беа игнорирани и сега сите зборуваме за судијата, наместо за фудбалот. На ова ниво во Лигата на шампиони, очекувате фер-плеј, но овојпат немаше такво нешто од судијата. Ако ова е стандардот кој го наметнуваме во европскиот фудбал, тогаш дефинитивно сме на погрешниот пат. Клубовите премногу инвестираат за да бидат жртви на вакви одлуки, – изјави Кан.






