Филипче: Гоце Делчев би се срамел од Мицкоски и би се борел против криминалната ВМРО

Макфакс

04/05/2026

14:00

221

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод годишнината од смртта на Гоце Делчев упати остри критики кон ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја владејачката партија дека го злоупотребува името на македонскиот револуционер.

„Ако Гоце Делчев денес беше жив, би се срамел од оние што се повикуваат на неговото име додека уништуваат сè за што тој се бореше. Тој лично би се борел против Мицкоски, против оваа денешна криминална група ВМРО и сè она што тие го претставуваат“, изјави Филипче.

Тој оцени дека Гоце Делчев се борел за слобода, правда и рамноправност, додека, според него, денешното ВМРО се бори за „тендери, заштита на криминалци и бугарски пасоши во џебовите“.

Филипче порача дека СДСМ ја одбележува годишнината од смртта на Делчев со почит кон неговата идеја за слободна и праведна Македонија.

„Наскоро доаѓа времето на правдата и одговорноста и некои подобри времиња и идеали за кои се бореше Гоце Делчев“, рече лидерот на СДСМ.

Тој додаде дека СДСМ ќе продолжи, како што наведе, со заедничка борба со граѓаните за „демократска и европска Македонија – праведна и слободна земја каква што ја сакаше Гоце Делчев“.