[ВИДЕО] Мицкоски: Меѓу првите три сме во Европа според примена на мерки за ценовните шокови

Макфакс

19/04/2026

13:15

407

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија, според анализи на ММФ, е меѓу првите три држави во Европа по бројот на применети мерки за справување со ценовните шокови.

Тој посочи дека Владата во овој период најголем дел од активностите ги насочува кон надминување на ценовната криза на горивата, која има влијание врз цените на производите.

„Се наоѓаме во период на изразена глобална неизвесност. Ценовните шокови на енергенсите не се резултат на внатрешни политики, туку се последица на геополитичките случувања“, рече Мицкоски.

Мицкоски најави дека се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар.

Тој додаде дека останува во сила договорениот попуст со ОКТА до крајот на април – 2 денари по литар за бензин и 3 денари за дизел.

Според него, Македонија има најниски цени на горивата во регионот, наведувајќи споредбени податоци со други земји.

Премиерот ги отфрли критиките дека мерките доцнеле или не биле доволни, посочувајќи дека според податоците на ММФ државата е на третото место во Европа според обемот на применети мерки како процент од БДП.

Тој истакна дека инфлацијата сега изнесува 4,9 проценти и додаде дека очекува од мај „работите да доаѓаат на нивото коешто ги очекуваме“.

Мицкоски нагласи дека мерките се дел од поширок пристап за стабилизирање на економијата и дека Владата ќе продолжи да ја следи состојбата и да реагира соодветно.