Донирани органи спасија два животи: Извршени трансплантации на црн дроб и бубрег во Скопје

Макфакс

19/04/2026

10:16

491

Големина на фонт

а а а

Во најтешкиот момент, едно семејство донесе одлука што значи живот. Со нивната хуманост и несебичност, спасен е човечки живот преку трансплантиран црн дроб на 67-годишен пациент, а на уште една пациентка на 51-годишна возраст и е подарена нова шанса за поквалитетен живот со трансплантација на бубрег. Пациентите се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.

– Овие медицински интервенции се воедно и приказни за надеж, за солидарност, за највисок чин на алтруизам. Нема поголем чин од тоа во момент на болка да подарите живот. Ова семејство покажа што значи вистинска хуманост, нивната одлука ќе живее преку тие на кои им е дадена нова шанса. Огромна благодарност на семејството на донорот за овој хуман чин, по загуба на нивен член од семејството, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска изразува „огромна благодарност за семејството без чија согласност немаше да биде можно да се извршат овие трансплантации. Зад секоја трансплантација стои човечка приказна. Овој пат е приказна за храброст и дарување живот. Тоа е највисокиот чин на солидарност што едно општество може да го има“.

Воедно се заблагодаруваме на координаторите за трансплантација и сите медицински екипи од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Клиниката за дигестивна хирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за нефрологија и Институтот за трансфузиологија за нивната посветена и неуморна работа.