Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека српскиот народ историски има многу позитивен однос кон Русија.
Како што пренесува РТС, Лавров рече дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во разговорите со Владимир Путин повеќепати истакнал дека европската перспектива ја гледа првенствено преку економските интереси на Србија и нејзината интеграција во инфраструктурата на Европската унија, јавуваат српските медиуми.
Тој додаде дека српскиот народ треба сам да одлучи каква иднина сака, а дека Вучиќ тоа „одлично го разбира“.
Лавров нагласи дека интересите на Србија секогаш ќе се реализираат без да се загрозат односите со Русија, бидејќи, според анкетите, српскиот народ има позитивен однос и кон Русија и кон Кина.
Тој истакна дека Вучиќ повеќепати изјавил дека Србија нема да се приклучи кон Европската унија под услови кои се анти-руски.
„Го почитуваме тој став. Но слушаме и што зборува Европа. На Србија ѝ велат: ‘можете да продолжите со преговорите ако исполните два услови – да ја признаете независноста на т.н. Косово и да се придржувате до сите санкции на ЕУ против Русија’. Со други зборови, се обидуваат да ја претворат Србија во некаков вид тампон-зона за конфронтација со Русија“, изјави Лавров.
Според него, за разлика од Европската унија, Русија е заинтересирана на Балканот да постои инфраструктура што обединува – економска, културна и друга.
Лавров додаде дека истата цел ја има и кинеската иницијатива „Појас и пат“, која, како што рече, е популарна на Балканот.
„Затоа ние, како и Народна Република Кина, сме за српскиот народ. Ќе го почитуваме изборот на српскиот народ. Тој мора сам да одлучи каква иднина сака. А претседателот Вучиќ тоа одлично го разбира и ги чувствува расположенијата на граѓаните како искусен политичар“, заклучи Лавров.












