Ристовски: Имав договорено трансфер во Грција, а потоа ми се јави Здравко Мамиќ

Дерби

11/04/2026

13:17

178

Големина на фонт

а а а

Во ексклузивното интервју кое го направи за босански „Вијести“, Стефан Ристовски опфати голем број теми и даде интересна изјава за врската која ја има со Бруно Фернандеш, но во долгиот разговор откри детали и за неговиот фамозен трансфер во Динамо Загреб во 2021-ва година.

Неговиот кам-бек во Хрватска предизвика големо разочарување во Ријека поради минатото кое го имаше во овој клуб, но како член на Динамо, Ристовски дополнително се етаблираше како легенда на хрватската сцена со пет титули во Првата лига и четири трофеи во Купот.

Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација се потсети дека неговиот трансфер во Динамо бил завршен во период од 24 часа, откако претходно цел јануарски преоден рок не успеал да пронајде излез од Спортинг, клуб во кој ситуацијата значително му се комплицираше.

– Здравко Мамиќ го договори мојот трансфер во Динамо. Јас бев во Спортинг, се закомплицираа некои работи и морав да си одам. Барав решенија, но имав уште две години од договорот. Со мојот агент се договривме да бараме излез со перманентен трансфер, а не со позајмица, но никој не сакаше да плати во тоа време.

– Требаше да останам уште шест месеци во Спортинг и да не бидам дел од тимот. На крајот останаа уште три дена од преодниот рок и јас му дадов збор на АЕК од Грција. Требаше да одам на позајмица, се беше договорено, а потоа добив повик. Не знам како за мојот договор со АЕК дознал Мамиќ. Ми се јави и ме праша дали сакам да дојдам одма. Јас одговорив позитивно, но му нагласив дека му дадов збор на АЕК. Ми порача да го фатам првиот авион за Загреб со зборовите: Знаеш што сме ние за АЕК….. Човекот го реши трансферот во 24 часа, – открива Ристовски.