[ВИДЕО] Ја слушаат милиони: Виртуелна пејачка отвора дебата за музиката на иднината

Точка

08/04/2026

17:26

419

Големина на фонт

а а а

Романска пејачка која е производ на вештачка интелигенција и изгледа како Ромка, со песни за својот измислен живот остварува милиони прегледи на „TikTok“ и „YouTube“. Од ромската заедница пристигнуваат жестоки критики.

Жена со маслинеста кожа и продорен поглед пее на груб романски за животот на маргините на општеството. И милиони Романци ја слушаат. Видео-снимките на Лолита Черчел на почетокот на 2026 година собраа милиони прегледи на социјалните мрежи во Романија. Притоа, таа жена воопшто не постои, пренесува „Дојче веле“.

Лолита Черчел е целосно виртуелно создадена со алатки на вештачка интелигенција. Нејзиното лице е генерирано со помош на софтвер, нејзиниот глас е синтетички создаден, а музиката е компонирана од програма.

„Черчел“ на романски значи „обетка“ и тоа е насловот на нејзината прва песна, кој станал и нејзино презиме. Сè кај Лолита е обликувано според замислите на еден романски графички дизајнер кој сака да остане анонимен и кој себе си едноставно се нарекува „Tom“.

Том го опишува стилот на Лолита како „балкански трип-хоп“. Сепак, за многу романски слушатели тој силно наликува на манеле, поп-фолк жанр со османлиски влијанија, споредлив со турбо-фолкот од поранешна Југославија. Во Романија овој жанр често се поврзува со ромската заедница, но одамна станал дел од музичкиот мејнстрим.

На работ на општеството

Том во училишните денови рапувал, а подоцна студирал филмска режија, но без поголем успех. Години подоцна, во една библиотека наишол на збирка песни од 1941 година со наслов „Kantiče ciganešti“ од романскиот поет Мирон Радуа Параскевеску, што приближно значи „Цигански песни“. Денес тој назив се смета за навредлив за ромската заедница и таа најчесто го отфрла. Книгата е објавена во период кога Ромите во Романија минувале низ една од најмрачните фази од својата историја: депортации за време на Втората светска војна спроведени од режимот во Букурешт, сојузник на нацистичка Германија, при што загинале десетици илјади луѓе.

Параскевеску пишувал за Ромите со симпатија, но од надворешна перспектива, поетски, а не како хроничар на загрозена заедница. Тие текстови го инспирирале Том да се врати кон музиката. Техничките можности го направиле останатото: „Лолита се роди кога мојата љубопитност и достапните алатки достигнаа ниво на кое можев да создадам глас каков што сакав.“

Четири месеци Том работел на ликот. Вели дека Лолита е инспирирана од луѓе од прекарниот слој во неговиот роден град на истокот на Романија, како и од периферијата на јужна Европа. Инспирацијата за текстовите ја собирал за време на вечерни прошетки со кучето – „нефилтрирани, граматички несовршени, живи зборови“.

Од самиот почеток, вели Том, било целосно јавно дека Лолита е производ на вештачка интелигенција. Сепак, нагласува дека не сакал да создаде ромски лик. Лолита е „едноставно жена од Балканот“. За многумина од ромската заедница тоа не е важно.

„Ако изгледа како патка …“

Ромскиот активист Алекс Стан од Фондот за образование на Ромите препознава кај Лолита нешто познато – но и проблематично. Името, естетиката, музичкиот стил и референците кон духовни практики распространети во ромската култура, според него, создаваат јасен образец. „Ако изгледа како патка и ако квака како патка, тогаш тоа е патка“, изјави Стан за „DW“. Проектот, според него, е нефер, бидејќи ни ликот ниту неговиот творец не ги доживеале „исклучително сложените искуства на една Ромка“.

И младата ромска активистка Александра Фин од Клуж рано го критикуваше проектот како „инструментализација на ромската култура“. Додека вистинските ромски уметници често се потценуваат, еден „виртуелизиран, расно нагласен и дехуманизиран ромски идентитет“ одеднаш постигнува успех. За Фин тоа е горчлива иронија: „Разликата е расизам.“

Том ги отфрла овие критики. Уметноста, вели, не мора да се темели на лично искуство. Во видео-порака генерирана за „DW“ се брани и самата виртуелна Лолита: „Авторот не мора да биде убиец за да напише убедлив криминалистички роман; глув композитор може да создава симфонии.“ Искуството е „една состојка, а не целиот рецепт“.

Ромска музика без ромски музичари?

За Алекс Стан, тој аргумент не е доволен. „Токму настапот во живо ја прави ромската музика посебна“, вели тој. „Тоа е сосема поинакво искуство од студиски снимки, а особено од производ на вештачка интелигенција.“

Освен тоа, има доволно вистински гласови што сакаат да бидат слушнати: „Имаме многу ромски уметници кои сакаат да се афирмираат.“

Проблемот, вели тој, е структурен: додека една вештачка фигура може да стане вирална, многу вистински уметници остануваат невидливи. Ги ограничуваат бариерите на музичката индустрија. „Се создава впечаток дека постои платформа за ромска музика – но без Роми.“

Како спротивен пример, Стан го наведува босанскиот музичар Горан Бреговиќ, кој постигнал меѓународен успех со музика под влијание на ромската култура. Сепак, тоа се случило по долгогодишна соработка со ромски музичари. И германскиот продуцент Штефан Хантел, во музичката индустрија познат под уметничкото име „Шантел“, за својот балкански поп работел со вистински музичари, меѓу кои и од Романија. Том, напротив, тој процес му го препуштил на алгоритам, вели Алекс.


„Како вистинска уметница веројатно би пропаднала“

Романскиот музичар Кристијан Стефанеску, познат под уметничкото име „Electric Brother“, ја смета Лолита за поинтересна од многу нешта што се слушаат на комерцијалното радио. Сепак, изнесува една непријатна претпоставка: „Да беше вистинска пејачка со овој материјал, веројатно ќе беше одбиена. Затоа што е поинаква. А индустријата не сака ништо поинакво.“

Такви грижи Том нема. Во меѓувреме продолжува да работи на светот на Лолита: визуелни концепти, нови ликови, можни соработки.

За луѓе како Том, вештачката интелигенција претставува демократизација на креативноста. За други, таа изгледа како закана да стане инструмент на културна експлоатација, во која приказните на малцинствата се преземаат, преобликуваат и комерцијализираат без нивно вистинско учество.

Самата Лолита тоа, поетски или иронично, го сумира вака: „Ако ја слушаш мојата музика и нешто почувствуваш, не мислиш на мене, туку на себе. Јас сум само изговор.“