Собранието со порака: Заедничка заложба за инклузија и правен идентитет на Ромите

Макфакс

08/04/2026

14:55

123

Големина на фонт

а а а

Во Собранието се одржа настан „Од невидливост кон еднаквост – одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница” по повод Меѓународниот ден на Ромите.

На настанот свои обраќања имаа Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Едвард Андерсон, висок претставник на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Јаше Сефер, претставник на Ромската заедница во Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својот говор нагласи: „Што се однесува до Собранието, најнапред треба да ја истакнам заложбата на секој пратеник за унапредување и заштита на правата, промоција на културата и креирање политики што водат кон еднаквоста. Тука, особено, значајна улога има Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, која претставува пример како суштинските општествени прашања треба да бидат предмет на консензус“.

На крајот, претседателот Гаши испрати јасна порака до ромската заедница: „Вашиот глас е клучен, а вашето присуство суштинско“.

„Светскиот ден на Ромите не е само ден на одбележување. Тоа е ден на потсетување. Потсетување дека зад секоја статистика стои човек. Дека зад секоја бројка стои приказна. Дека зад секој предизвик стои надеж која чека да биде препознаена и поддржана. Ромската заедница е дел од нашата историја, дел од нашата култура и дел од нашата иднина“, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Едвард Андерсон, висок претставник на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, посочи дека „Клучните достигнувања се значајни: околу 750 луѓе веќе стекнаа правен идентитет, а близу 300 Роми во 2025 година добија пристап до услуги преку мобилна правна помош. Но, нашата цел оди подалеку од бројките – да обезбедиме ниту едно дете да не остане нерегистрирано, ниту еден поединец да не биде исклучен и институциите да бидат навистина одговорни и ефективни. Знаеме дека партнерствата носат резултати, но инклузијата бара време и континуиран напор. Таа бара соработка, доследност и споделена одговорност од сите нас. Нашата заедничка цел е јасна: ромските заедници да бидат видливи, вклучени и зајакнати.“

Јаше Сефер, претставник на Ромската заедница во Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието, ја истакна важноста на денешниот ден како симбол на непокорот, културата и вековна борба на Ромите за достоинство и еднаквост. Вистинска еднаквост не се постигнува само со промена на Закони, туку можеби повеќе со промена на свеста – рече Сефер. Потребно е општеството да ја препознае различноста како богатство кое создава еднакви можности за сите.

Потоа следеше панел дискусија, на која се обратија пратениците Игор Здравковски, Соња Мираковска, Амар Мециновиќ и Арбана Пашоли, како и Елвис Шаќири, извршен директор на Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико.

Панелистите во своите обраќања се осврнаа на работата на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција.

Притоа, ги истакнаа реалните секојдневни проблеми со кои се соочуваат Ромите и се заложија со заедничка борба да се обидат да ги срушат бариерите и да се создаде вистинска еднаквост помеѓу сите во државата.