Аудиоснимки од три пријави во полиција направени на 2 март 2026 година, кои директно му претходеле на трагичниот настан во кој Ивана Јовановска го загуби животот заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја, денеска беа презентирани како клучни материјални докази пред Основниот кривичен суд Скопје на судењето против нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски. На снимките од кобниот ден јасно се слушаа расправии и физичко насилство при што обвинетиот Стојанче ѝ порачува на жртвата дека повеќе нема да го види детето и дека ќе ѝ го уништи животот.
Покрај доказите од 2 март, во доказната постапка пред Судот хронолошки беа изведени аудиоматеријали од 2024, 2025 и 2026 година, кои сведочат за континуирано семејно насилство во изминатите години. Презентираните материјални докази опфаќаат пријави направени лично од починатата Ивана, од нејзината мајка Љубица, мајката на обвинетиот, како и од анонимни соседи и очевидци.
Обвинителството пред Судот презентираше транскрипции и материјални докази како фотографиите од пријавите во систем на кои се гледаат телефонските броеви на пријавителите.
Покрај фотографиите од пријавите во систем на кои се гледаат телефонските броеви на пријавителите, обвинителката Адела Бојчевиќ презентираше и аудио снимки од пријави во полиција од страна на Ивана од 15 октомври 2025 година.

– Анонимна пријава од 15 октомври 2025 година во 8.38 часот, во која се содржани два аудиофајла со пријави од Ивана. Во првиот фајл Ивана го прашува операторот каде треба да се обрати кога некој ѝ го заклучил станот и не ја пушта да влезе. Операторот ја упатува на куќниот совет, а ако не успее, вели дека ќе ја поврзе со пожарна. Ивана објаснува дека куќниот совет нема клучеви и бара полиција. Операторот повторно ѝ вели да се консултира со куќниот совет, па потоа да се скрши вратата. Таа му одговара дека не ѝ е проблем да се скрши вратата од станот и прашува дали тоа значи дека пожарната треба да го стори тоа – истакна обвинителката појаснувајќи ја ауидоснимката.
Истиот ден, Ивана го пријавува сопругот дека чува дрога додека е заклучен во станот и бара полиција. – Сакам да пријавам дека во мојот стан, сопругот чува дрога. – вели Ивана во пријавата, а додека операторот бара податоци од неа, таа му се обраќа на Стојанче внатре во станот „ќе отвориш или да те пријавам?“.
Бојчевиќ презентираше и аудио снимка од пријава од Ивана на 9 јуни 2025 година, на која вознемирена и со викање се јавува на 192 за да го пријави Стојанче дека ја тепа. Таа објаснува дека се наоѓа во Чаир, но не ја знае адресата бидејќи сопругот не ѝ ја кажува, по што бара полицијата да ја најде по локација.
На 21 јануари 2025 година во 1.08 часот по полноќ, исто така, било пријавено од страна на машко лице од истата зграда, дека соседите од соседниот стан се „дереле и дека жената дошла кај нив кажувајќи дека нејзиниот сопруг ја тепа и оти сега е засолнета во нивниот дом“. На 29 август 2025 година, пак, мајката на Ивана, Љубица Стојановска вознемирена пријавува во полиција дека ќерка ѝ, која е во бракоразводна постапка, отишла до станот на улица „Теодосиј Гологанов“ да земе некои работи, но таму бил сопругот кој ја тепа. Мајката на Ивана нагласува дека не му е првпат на Стојанче да ја малтретира. Низ плач, таа објаснува дека и спроти празникот Св. Јован (20 јануари) во 1 часот по полноќ, соседите веќе пријавиле насилство.
Фото: Вечер
















