Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски уште еднаш потврди зошто многумина го нарекуваат вистински херој на современото време. Неговата посветеност, стручност и човечност со години наназад им враќаат надеж на семејства кои се соочуваат со најтешките животни предизвици – борбата за здравјето и животот на нивните најмали.
Преку емотивна објава на Инстаграм стори, д-р Чадиковски сподели уште една инспиративна приказна од операциона сала, каде што секој потег значи нова шанса за живот. Овојпат станува збор за исклучително деликатна интервенција на бебе тешко само 2.5 килограми – борба во која медицината, знаењето и храброста се испреплетуваат со надежта.

Со објавување на две фотографии од сложената операција, докторот ја долови тежината на моментот, но и радоста од исходот – малото срце продолжило да чука самостојно, а бебето конечно почнало да дише без помош на апарати. Оваа приказна не е само медицински успех, туку и силен потсетник дека зад секоја успешна интервенција стојат години труд, пожртвуваност и неизмерна љубов кон професијата и пациентите.

Во својата објава д-р Чадиковски напиша:
„По 6-часовна тешка операција на срце кај бебе тешко само 2.5kg и по 11 дена поминати на ЕСМО (машина што ги заменува срцето и белите дробови), денес за првпат во Македонија, детето е успешно одвоено од машината.
Се надеваме на брзо и успешно закрепнување во наредните денови. Браво за целиот медицински тим“.








