Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека постојат големи шанси за постигнување договор со Иран уште во текот на утрешниот ден. Сепак, оптимизмот беше придружен со досега најжестоки закани за драматична ескалација на нападите доколку Техеран веднаш не ги исполни барањата на Вашингтон, пренесува агенцијата Анадолија.
„Уништување на сè“ и преземање на нафтата
Во интервју за „Фокс Њуз“, Трамп отворено порача дека размислува за целосно уништување на иранската инфраструктура и преземање на нафтените полиња доколку преговорите не се одвиваат со посакуваната динамика.
„Размислувам за уништување на сè и преземање на нафтата ако Иран не тргне доволно брзо кон договорот“, изјави Трамп. Тој додаде дека им дал амнестија на иранските преговарачи за да овозможи продолжување на дијалогот, тврдејќи дека Вашингтон е во контакт со претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф. Од Техеран засега нема потврда за овие тврдења.
„Ден на електраните и мостовите“
Истовремено со изјавата за можен договор, Трамп преку својата платформа „Трут Соушал“ испрати застрашувачко предупредување, прогласувајќи го претстојниот вторник за „Ден на електраните и мостовите“ во Иран.
„Тоа ќе биде сè во едно, во Иран. Ништо слично нема да има. Отворете го проклетиот теснец, вие луди гадови, или ќе живеете во пекол – само гледајте!“, напиша Трамп.
Регионот се наоѓа во воена состојба откако САД и Израел на 28 февруари започнаа заедничка офанзива врз Иран, во која досега загинаа повеќе од 1.340 луѓе, вклучувајќи го и тогашниот врховен водач Али Хамнеи.








