Лебот повторно поскапува. Тивко, без голема најава, но доволно гласно за да се почувствува во секое домаќинство.
Од неколку пекарници низ државата веќе стигнуваат сигнали дека цената на белиот леб од 450 грама, кој до вчера се купуваше за околу 35 денари, наскоро ќе се движи околу 40. Во некои продавници, граѓаните велат дека зголемувањето веќе почнало. Сецканиот бел леб, пак, одамна ја надмина таа граница.
„Вчера беше 37, денес е 40. Утре колку ќе биде?“ прашува пензионерка пред мала пекарница, држејќи кеса со два леба. Не чека одговор. Го знае.
Во Штип, Кочани, Прилеп и во Битола, пекарите отворено најавуваат корекција на цените. Не соопштуваат точен датум, ниту процент. Но пораката е јасна. Трошоците растат, велат, а простор за апсорбирање веќе нема.
Граѓаните, пак, не ги интересира логиката зад цената. Ги интересира сметката на крајот од денот.
„Порано купував по три леба, сега земам два и внимавам како ќе ги распоредам“, вели млад татко кој излегува од маркет во скопска населба. „Не е само лебот. Сè е поскапено. А платата иста“.

На тезгите и пред касите се слушаат слични разговори. Некој брои ситни, друг се двоуми дали да земе дополнителен производ. Малите одлуки стануваат поголеми отколку што изгледаат.
Еден повозрасен човек со раце полни кеси вели дека лебот одамна не е „евтина храна“.
„Лебот беше спас. Ако немаш ништо, имаш леб. Сега и тоа не е баш така“, додава. „Се навикнуваме, што друго да правиме“.
Пекарите објаснуваат дека притисокот доаѓа од повеќе страни. Цените на брашното, енергенсите, транспортот. Секој сегмент по малку ја турка нагоре финалната цена. Некои од нив тврдат дека досега работеле со минимални маржи, само за да не ги изгубат муштериите.
Но граѓаните имаат поинаква перспектива. За нив, ова е уште еден удар по секојдневниот буџет.
„Секој ден по нешто поскапува. Не можеш да испланираш ништо“, вели продавачка во мал локален дуќан. „Купувачите се нервозни. Не е до нас, ама ние сме тие што ги слушаме“.
Остатокот од текстот прочитајте го на следниот ЛИНК.











