Хоџа-Рокас: Засилена соработка со ЕУ за заштита и одржлив развој на Преспанскиот регион

Макфакс

31/03/2026

15:53

120

Големина на фонт

а а а

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, при што беше потврдена заедничката заложба за заштита и одржлив развој на Преспанскиот регион. На средбата беше истакнато дека Европската Унија останува силно посветена на зачувување на Преспа Паркот, преку нови и засилени активности насочени кон заштита на неговиот уникатен екосистем. Преспа беше оценета како природно богатство од исклучително значење за целиот регион.

Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија и ја нагласи важноста од понатамошно унапредување на соработката за обезбедување долгорочна заштита и одржлив развој. Амбасадорот Рокас, пак, посочи дека заштитата на животната средина е клучен приоритет во европската агенда и ја истакна Преспа како пример за успешна прекугранична соработка.

Двајцата соговорници се согласија дека преку заеднички напори може да се придонесе за зачувување на природното и културното наследство и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од овој регион. Европската Унија ќе продолжи да инвестира во иницијативи за долгорочна заштита, а во рамки на програмите како „ЕУ за Преспа“ се реализираат проекти за заштита на биодиверзитетот, одржливо управување со природните ресурси, водите и отпадот, како и за поттикнување на локалниот економски развој.